Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека Германија и Франција сакаат да се основа европска војска, и покрај острото противење на оваа идеја од претседателот на САД, Доналд Трамп.

На мапата објавена од Евробарометар може да се види колкава е процентуалната поддршка за евровојска во членките на ЕУ.

Новиот договор за германско-француска соработка потпишан минатиот вторник во Ахен во Германија, кој предвидува приближување во секторот на одбраната, „придонесува за создавање европска војска“, објави германската канцеларка.

Меркел пред се спомена развој „на заедничка воена култура и заедничка воена индустрија“, што се наоѓа во новиот договор, со кој е проширен и продлабочен Елисејскиот договор од 1963 година.

Макрон и Меркел минатата есен изразија желба за создавање европска војска, а тоа предизвика критики од САД.

Трамп тоа го оцени како „многу навредлив“ проект и го нападна Макрон, поради изјавата дека задача на таа војска е да ја одбрани Европа од земјите како Русија, Кина, но и САД.

Новиот француско-германски договор има и клаузула за билатерална солидарност помеѓу двете земји во случај на агресија, слично на членот кој ги обврзува и земјите членки на НАТО.

Во текстот се вели дека се помага „со сите средства кои се на располагање, вклучувајќи и воени, во случај на агресија врз територијата“. Тоа се однесува и на терористички напади.

Потпишаниот документ предвидува двете земји да ги подигнат меѓусебните односи „на ново ниво и да се подготват за предизвици со кои двете земји и Европа се соочуваат во 21 век“.