Групата Лима по состанокот во главниот град на Канада, Отава посветена на Венецуела објави декларација со 17 точки.
Дури 11 од 14 земји членки на Групата Лима апелираат на промена на власта без употреба на сила и итна достава на хуманитарна помош.
Во документот се наведува дека владите на Аргентина, Бразил, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Гватемала, Хондурас, Панама, Парагвај и на Перу „го повторуваат своето признавање и поддршка за Хуан Гуаидо“ како привремен претседател на Венецуела.
Групата Лима апелира до светската заедница „да преземе мерки за да го спречи режимот на Николас Мадуро да извршува финансиски и трговски трансакции во странство, како и да нема пристап до меѓународниот имот на Венецуела и до тргувањето со нафта, злато и други средства“.
Но, три земји членки на Групата Лима – Гвајана, Мексико и Света Луција не ја потпишаа декларацијата.
Групата Лима е формирана во 2017 година со цел да помогне во изнаоѓање на мирољубиво решение за кризата во Венецуела. Групата ја сочинуваат Аргентина, Бразил, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Гватемала, Хондурас, Мексико, Панама, Парагвај, Перу, Гвајана и Света Луција.
Во меѓувреме најмалку 17 земји членки на Европска Унија официјално го признаа Гуаидо за привремен претседател на Венецуела. Тоа уследи откако вчера истече рокот од Велика Британија, Франција, Германија, Шпанија и други земји, кои му поставија ултиматум на Мадуро да распише нови избори. Други европски држави, како Грција и Ирска повикаа на нови избори, но не го признаа Гуаидо.
Мадуро има поддршка од Кина и Русија, кои ги обвинија земјите членки на ЕУ да не се мешаат во внатрешните работи на Венецуела и да не се обидуваат да „ја легализираат узурпираната власт“.
Мадуро се уште има и поддршка од војската на Венецуела.
Мадуро дојде на власт во 2013 година по смртта на поранешниот претседател Уго Чавез, кој беше обвинет за наводно кршење на човековите права.
Венецуела покрај политичка се соочува и со економска криза, недостиг на лекови и храна, а стапката на инфлација минатата година просечно двојно се зголемуваше секои 19 дена.
Според податоци на Обединети Нации, три милиони Венецуелци заминале од земјата од 2014 година, кога почна економската криза.