Во Собранието на Република Македонија денеска треба да се состане Комисијата за селекција, која треба да го изврши да го изврши рангирањето на кандидатите за идни членови на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Секој член од Комисијата за селекција ќе даде оценки за 57-те кандидати кои ги поминаа интервјуата. Секој кандидат може да добие максимум 100 поени. Искуството и достигнувањата во борбата против корупцијата носат максимум 40 бодови, а 60 бодови кандидатите можат да добијат врз основа на тоа како се покажале на интервјуата.
По рангирањето, ранг листата треба да биде објавена и доставена до Комисијата за избори и именувања која треба да го потврди изборот на седумте кандидати со најмногу бодови кои ќе влезат во новиот антикорупциски состав, по што тие треба да бидат усвоени на пленарна седница.
Со оглед на тоа што за членовите на Антикорупциската комисија треба да се гласаат со двотретинско мнозинство, потребно е да се постигне договор меѓу политичките партии. Новите антикорупционери треба да бидат изгласани на пленарна седница најдоцна утре бидејќи претседателот на Собранието на Република Македонија треба да ги распише претседателските избори.
Согласно новите ингеренции, Антикорупциската комисија која би била избрана ќе треба да го мониторира и изборниот процес во делот на финансирањето на политичките партии за време на претстојните претседателски избори.