Во пресрет на новите предизвици со кои не соочи недостатокот од самопочит и отсуството на политичка култура, деновиве се поактуелни се и негодувањата помеѓу шарените револуционери за актуелните состојби во Македонија. Истите оние кои толку ревносно дивееја, палеа, фрлаа разно разни бои насекаде каде што немаа пусулче за лична сопственост, некако со коска в грло и со лутина во погледот, резигнираат од производот кој го помогнаа да ја запоседне апсолутната власт во нашата татковина. Ваквиот пресврт на настаните, дополнително ја разбранува јавноста со катадневните скандали, кои не само што ја надминуваат амплитудата на пристојноста, туку и сериозно им плукаат во лице на сите оние слободоумни, анархични и делумно интелектуално проширени така наречени интелектуалци, кои толку енергично се бореа за слобода на медиумите, слобода на животот, правда (римувано со Прада) и секако мир (постои или не постои Тиранската платформа?!).
Во отсуство на било каква рамнотежа на општеството и во тоталитетот на пасивност и краен дефетизам на институциите на системот, превезот врз очите на македонските граѓани, од темно сив, стана комплетно црн. На крајот од тунелот, престанаа да бијат индивидуалните ставови, а критичката мисла е ставена под прашалник, се разбира и сосема оправдано кога истата, во оној мал процент на педесет и нешто посто во кој живуркаше како така, во минатото, денес е тотално разбиена и е речиси невозможно да допре до својата крајна цел.
Во тотален мрак, живееме како зомбија кои ја изгубија сопствената индивидуална волја, приморани да му се поклонуваме на Големиот брат, кој испреплете толку голема мрежа околу нас, што стана речиси невозможно да се преживее без да се акомодираме како граѓанство во неговото Гранде сценарио. И така, осудени на овој нов вид на неолиберално колонијално ропство, станавме тотално пасивни кон суштинските вредности за кои се залагавме и во кои верувавме.
Кога би се запрашале, каде погрешивме и што можевме да сториме, одговорите би изгледале толку обскурни и некреативни, што повторно би не зафатила апатија и веројатно би западнале во уште подлабока депресија, во која излезот би имал три опции: да се напушти овој животен простор и да не се вртиме назад или да останеме на македонската територија и да чекаме кога ќе ни ги избодат колците од оградата на северџанскиот македонски резерват. Третата опција е да се бориме, да ги победиме и да го креваме системот од пепелта и таа е единствената достоинствена цел за која е вредно и да се умре.
Затоа кога ги гледам и кога ги слушам огорчените шарени револуционери, како се дават во сопствената кал, чувствувам огромна тага за нивната резигнираност. Овој стадиум на болката, која ја чувствуваат е сосема оправдан, особено и поради фактот што истите далеку од основната академска премиса: „Секогаш сомневај се“ и „Не постои апсолутната вистина“, одлучија да учествуваат во сценариото со кое допринесоа да се избришат темелите на македонската национална државност, на македонскиот национален идентитет и на македонскиот литературен јазик. Нивните инстикти беа во право, но, нивните одлуки и нивното дејствување беше кратковидо и истото завршуваше во аголот на нивниот малограѓански етички дискурс, во кој „мојата кучка е по фертилна од твојата“ и така натаму и така натаму… Овде секако нема да се препознаат дел од оние младите слободоумни револуционери/ки кои во недостаток од домашно воспитание и дефинитивното отсуство на морал и срам, агилно се пенавеа во револуционерното Виножито, потајно чекајќи ја првата дефлорација, длабоко вовлекувајќи психотропни состојки, правејќи колаж од сеќавања за нивната безлична иднина. Тие не се оние на кои им се обраќам, оти тие за жал не ни постоеле, а не постојат и денес, бидејќи поважно од се им е да бидат онаму каде дува ветерот, одошто да се траснат по празните глави и да ги наведнат кога се соочуваат со вистината.
За жал, македонското општество не обрна внимание на основното воспитание кое требаше да им се даде на помладите, а тоа е чувството на срам и храброста да се признае кога ќе се погреши. Не можаме да плачеме по она што заминало, но можеме да веруваме дека има повеќе од една опција во иднината. Затоа не се согласувам со моите колеги, кои толку несигурно ме убедуваат дека не можело поинаку да биде, дека сето ова е поголемо од нас, дека еве сега сме во НАТО, за триесетина години може во ЕУ, а и можеби ќе ги вратиме работите како што беа, само да помине времето на отплата на кредитите кои ги подигнаа кај тие горе (не им се споменува името!!!)!
Не, велам одлучно, не!
Како што Сонцето изгрева на Југ, така и заоѓа на Запад. Утре, една од најиздржаните револуционерки (тука неоспорното првото место го има Проф. д-р Каролина Ристова Астеруд), професорката и моја колешка д-р Гордана Силјановска Давкова ќе ја побара од мене и од моите петстотини сопартијци, делегати на Конвенцијата, поддршката да биде кандидатка од редовите на ВМРО – ДПМНЕ за Претседателка на Република Македонија. Ако можеше професорката Силјановска Давкова која е исклучителна и како човек и како интелектуалка, да ја препознае вистината и да истапи во одбрана на Македонскиот национален идентитет и Македонската држава, не знам зошто сеуште постои дилемата каде е излезот од срамот и од понижувањата кои ги доживеавме како Македонци и воопшто како граѓани на Република Македонија. И за да не постои сомнеж дали сме сите исти, денес јавно искажувам дека мојот глас ќе и го дадам токму неа, бидејќи има капацитет да признае и има храброст да истапи од стадото. Тоа е она што прави разлика, ве поканувам да се придружите.
Проф. д-р Иванка Василевска
Правен факултет „Јустинијан Први“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“