Новиот состав на Антикорупциската комисија најави дека ќе го испита целиот процес на вработувањата во јавниот сектор на лица блиски до функционери и јавноста навремено ќе биде информирана, а доколку се утврдат какви било прекршувања на процесите при вработување, ќе бидат преземени соодветни законски мерки, соопшти денеска СДСМ.

– Во меѓувреме, започна повлекувањето од работни позиции поради морални причини, без разлика што процесот на вработување бил транспарентен и законски. Тоа за ВМРО-ДПМНЕ беше и се уште е непозната категорија, се вели во соопштението.

Откако јавноста револтирано реагира на непотизмот и Мира Дизел-вработувањата на актуелната власт, СДСМ во соопштението ја посочува „вистинската адреса“ на овој проблем:

– Вистинската адреса за прашања за непотизам е Христијан Мицкоски. Таму ВМРО-ДПМНЕ треба да побара одговори. Мицкоски е симбол за непотизам и судир на интереси. СДСМ останува доследен на ставот дека во државната администрација нема и не смее да има реваншизми, притисоци и политика. Ако ВМРО-ДПМНЕ е навистина загрижена за јавната администрација, нека побара од своите сопартијци да ги повлечат своите роднини од позициите кои им ги обезбедиле за време на нивното 11 годишно владеење, се вели во соопштението на СДСМ.