Самопрогласениот претседател на Венецуела Хуан Гуаидо, изјави дека ја преминал границата на Венецуела со Колумбија со помош на венецуелската армија.

– Армијата зема учество во тоа, изјави тој во колумбискиот град Кукута.

Засега армијата е на страната на претседателот Николас Мадуро кој сака таа да не дозволи денеска да почнат доставувањата на хуманитарна помош.

Во меѓувреме, американскиот државен секретар Џон Болтон откажал посета на Јужна Кореја пред средбата во идната недела во Ханој на Трамп и Ким поради случувањата во Венецуела каде армијата е соочена со сериозно решение – дали да дозволи влегување на хуманитарна помош, изјави портпарол на Болтон.

Две лица загинаа и 15 се ранети во судири синоќа меѓу венецуелската армија и демонстранти во југоисточниот дел од Венецуела.

Демонстрантите се обиделе да спречат војници да блокираат пат за да биде оневозможено внесување хуманитарна помош за државата. Жртвите се брачна двојка, а судирите се случија во Гран Санама, близу границата на Венецуела со Бразил.

Бразилските власти почнаа синоќа со придвижување на хуманитарната помош кон северната граница со Венецуела и покрај тоа што границата од венецуелска страна е затворена. Бразилските военовоздушни сили испратија авион со помош во храна и лекови во Боа Виста, главен град на бразилската држава Рорајма која е на границата со Венецуела. Границата е затворена од венецуелска страна по наредба на претседателот Мадуро.