Лидерот на албанската Демократска партија, Љуљзим Баша вечерва изјави дека „ниту еден обид нема да го спаси премиерот Еди Рама од законска одговорност за кражба на изборите“.

По средбата со претседателите на општинските организации на партијата, тој најави дека се подготвува апсење на градоначалникот на Драч, Ванѓуш Дако.

-Последниве часови се почесто се слуша веста дека се подготвува апсење на Ванѓуш Дако. Досието „339“ потврди дека тој и други функционери биле фатени во кражба на гласови. За да не го уапси, Рама го жртвуваше Фатмир Џафај, обвини Баша.

Баша посочи дека граѓаните веќе ја преземале судбината во свои раце.

-Ги повикувам сите меѓународни фактори внимателно да гледаат што се случува во оваа земја. Сите граѓани се со јасен став, а тоа е потребата од преодна влада за да се продолжи со борбата за слободни избори а не заробени од криминалот, истакна Баша.

Баша повтори дека на 28 февруари и на 7 март ќе се одржат национални протести пред „криминалното собрание што ја узурпира зградата на Парламентот на Република Албанија“, а на 16 март ќе се одржи уште еден голем национален протест за да се собори Еди Рама од власт.