Мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Тирана реагираше во врска со синоќешниот протест, осудувајќи ги актите на насилство што се случија.

Во официјална реакција, ОБСЕ наведува дека насилството не е одговор за проблемите со кои се соочува Албанија и дека политичкото насилство е казниво.

– Насилството не е одговор за проблемите на Албанија. Повторно го осудуваме политичкиот поттик на насилство и повикуваме на воздржаност и одговорност. Протестрањето е демократски чин, но горење гуми, со користење на разни предмети и пробивање на полицискиот кордон за напад врз јавна институција, посебно во срцето на демократијата, не се тоа, стои во реакцјата на Мисијата на ОБСЕ.

Во реакцијата се нагласува дека со вознемиреност ја следат состојбата и им честитаат на медиумите за големата услуга што ја прават за демократијата преку директно известување.

Протестот на албанската опозиција пред Парламентот ескалираше синоќа со обид за насилно влегување во законодавниот дом каде парламентарното мнозинство одржуваше седница. Демонстрантите фрлаа тврди предмет врз полицијата, палеа гуми, а полицијата одговори со употреба на солзавец.

Првите инциденти беа забележани уште на самиот почеток на протестот, кога им беше попречуван влезот на пратениците во зградата на Парламентот, а беше нападнат и министерот за туризам Бенди Кљоси.

И покрај апелите на полицијата да престанат со насилни дејствија тие продолжија барајќи пратениците да ја прекинат седницата, на која не присуствуваше премиерот Еди Рама, бидејќи бил заминат во посета на општините во рамки на владината програма „За подобра општина“.

Состојбата ја вжештија обраќањата на лидерите на демократите Љуљзим Баша и на Социјалистичкото движење за интеграција, Моника Круемади, која е сопруга на претседателот Илир Мета, кои меѓу другото порачаа дека со „Еди Рама ќе има битки се додека тој не замине од власт“.