Претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик изјави дека Република Српска ќе спроведе референдум и ќе се одвои од БиХ доколку иницијативата на Партијата за демократска акција (СДА) за промена на името стигне до Уставниот суд на БиХ.
– Ние се согласивме, и власта и опозицијата, дека ќе преземеме мерки за утврдување на нашиот статус доколку иницијативата стигне до Уставниот суд. За да нема дилеми што е тоа што ќе биде, ние ќе спроведеме референдум и ќе се одвоиме од БиХ, изјави Додик за РТС.
Тој рече дека во тој случај ќе има несогласувања од Запад, но дека постојат земји кои тоа ќе го поддржат.
– Има најмалку десет земји кои ќе го поддржат нашиот статус, рече Додик и додаде дека доколку се бара нешто да се додаде во името Република Српска, тогаш само може да се додаде терминот „Западна Србија“, бидејќи „тоа е нешто што луѓето во Српска ќе го прифатат“.
Според него, да се разговара со САД не значи и да се прифати нивната политика.