Не така одамна, всушност пред само неколку дена, власта преку Заев и Анѓушев се пофали дека странските инвеститори буквално чекаат на границата кај Табановце и безмалку се подготвуваат за еуфоричен спринт кон Македонија со своите пари.

Неколку дена поминаа и од изјавата на Заев дека ланската година била најдобра според нивото на странски инвестиции. Заев изгледа не го чул српскиот претседател Вучиќ кој безмалку му се заблагодари за политичките потези со кои овозможи голем број инвеститори наместо во нашата змеја, да инвестираат во Србија, што едноставно значи помал стандард за Северномакедонците, поголем стандард за Србите.

Очигледно, до Табановце не стигна ни германски Фолксваген, ниту менаџерите на компанијата чуле за „економскиот рај“ во Европа на Заев и Анѓушев, па ќе отвораат фабрика во Србија. И тука отприлка завршува приказната на трчи-лажи власта во РСМ.

Производството на автомобили во Србија ќе започне во 2023 година. Годишно ќе се произведуваат 300.000 автомобили. Се очекува вработување на околу 5.000 работници во Србија. Инвестицијата ќе вреди 1,4 милијарди евра, а српскиот извоз се очекува да се зголеми за една петтина или 20 отсто.