Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека „опозицијата конечно треба да му каже на народот што сака, дали избори или неговата глава“, и порача да кажат дека ја сакаат неговата глава, бидејќи, како што рече, „поинаку не можат да победат и да дојдат на власт“, објави весникот Српски телеграф во денешното издание.
Вучиќ во авторскиот текст за весникот напиша дека е јасно оти лидерите на опозицијата не сакаат да одат на избори, бидејќи, како што рече, сите избори во изминатите седум години ги „загубиле убедливо”.
-И, ако тоа не се избори, која е целта? Што сакаат да направат кога упаѓаат во РТС, кога доаѓаат во Претседателството за да го опколат, кога закажуваат собири на кои ќе дојде цела Србија, напиша Вучиќ.
Тој рече дека опозицијата „ќе најде некои луѓе кои во шега“ ќе го симнат од власт без избори „исто како што се шегуваа со бесилките и тестерите“.
-Во оваа земја власта се добива на избори, а оние кои тоа го сакаат на друг начин – нека го кажат тоа убаво. Не треба да се кријат зад деца или зад сите кои се со или без причина незадоволни, ниту зад глупавите шеги, напиша Вучиќ.
Укажувајќи дека на мнозинството во Србија, на оние кои не шетаат, не напаѓаат никого и не се закануваат, им е јасно кои се и што се лидерите на СзС (Сојузот за Србија), исто како што им е јасно дека тој нема намера да им попушти или да се тргне „па и сите тројца лидери да се појават со тестери и со бесилки”.
-Јас не сум излезна стратегија за нивните глупости, ниту пак имам намера да им ја дадам. Секогаш ќе разговарам со граѓаните, но немам намера со оние кои сметаат дека насилството е патот до државната каса, привилегиите и грабежот. Никогаш“, оцени Вучиќ.
Според него, за време на неговата 25-годишна политичка кариера има порази и победи на избори, но „никогаш нема направено нешто на сила”.
-Јас дури и не мислам дека сум непогрешлив или незаменлив, напиша Вучиќ.
Тој оцени дека негова вина е што не може да премолчи кога треба да ја каже вистината и им порача на лидерите на опозицијата дека за нив нема да гласаат на изборите „ниту оние кои шетаат и го опколуваат Претседателството“.
-На избори ќе добиете одговор, каков што заслужувате. Јасен и прецизен. Вистински одговор за оние кои мислат дека денес можат Србија да ја лажат на ист начин како што лажеа претходно. И тука нема да ви помогнат ниту тестери ниту бесилки, напиша Вучиќ.
Авторскиот текст на српскиот претседтел објавен е во пресрет на денешната седница на претседателството на владејачката Српска напредна партија (СНС), на која, како што е најавено, една од темите ќе бидат и предвремените избори.