Европската Комисија, иако не го коментира процесот кој се води против Лаура Ковеси, кандидатка за прв ЕУ обвинител, потсетува дека земјите членки треба да го почитуваат принципот на чесна соработка.
– Клучно е кандидатите да бидат третирани на фер начин во овој процес, затоа ЕК ја повикува романската Влада и власти целосно да го почитуваат принципот на чесна соработка во процедурата на селекција на европски обвинител, сите кандидати треба да бидат во можност непречено да учествуваат во сите етапи на процедурата, изјави Маргаритис Шинас, портпарол на ЕК.
Поранешната романска обвинителка, Лаура Ковеси, беше отстранета од својата позиција од страна на романската Влада. ЕК во својот последен извештај за напредокот на Романија во судските реформи констатираше загрижувачко назадување.
– Со загриженост го следиме развојот на земјата, Романија мора да го задржи чекорот кон реформите и да не оди назад во однос на заложбите и да се воздржи од секаква мерка која би можела да го загрози напредокот, истакна портпаролот.
Потпретседателот на ЕК, Франс Тимерманс, вчера имал телефонски разговор со романската премиерка, Виорица Данчила, но не се соопштуваат детали.
Ковеси вчера имаше шестчасовно сослушување пред специјална комисија, составена од истражни судии во Романија. По сослушувањето, таа изјави дека станува збор за обид за замолчување.
– Ова е обид да ме замолчат, да не исплашат сите во правосудниот систем што си ја вршиме работата. Најверојатно некои луѓе се толку очајни дека можам да ја добијам работата (главен обвинител на ЕУ) и затоа не ми дозволуваат да зборувам со медиумите, изјави Ковеси.
Таа е осомничена за злоупотреба на функцијата, поткуп и лажно сведочење, обвиненија што ги негира.