Ајде да зборуваме за даноците, беше насловена трибината која денеска се одржа на Економскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“. Пред голем број студенти зборуваа министерот за финансии Драган Тевдовски, продеканот на Економскиот факултет Љупчо Давчев и директорката на УЈП Сања Лукаревска.

– Драго ми е што почнуваме со дебата во Штип затоа што овде има многу паметни млади луѓе и вреди да се зборува со нив. Неколку години редовно држев предавање овде, во Штип, и се покажало дека овде има многу луѓе кои можат да ја водат државата. Ние од Министерството за финансии започнуваме повеќе едукативни настани каде гледаме да зборуваме за јавните финансии. Оваа дебата е сржта на јавните финансии, истакна во својот говор министерот Тевдовски.

Организатори на оваа дебата се Фондацијата Фридрих Еберт заедно со Економскиот факултет. Ова е прва од серијалот дебати што ќе се одржуваат низ цела држава.

– Фондацијата Фридрих Еберет во рамки на своите политики се залага за правично и еднакво општество, а ние веруваме дека со функциите на даночната политика тоа може де се постигне. Затоа предвидовме серија дебати со студентите на економските факултети почнувајќи со Универзитетот во Штип. Министерот, директорката на УЈП, професори и студенти дискутираа за тоа што се даноци, какви даночни стапки може да има и како тие влијаат врз социоекономските текови во државата и како преку прогресивното оданочување да се оди кон поправично општество, изјави Ивана Вучкова од Фондацијата „Фридрих Еберт“.

На дебатата беше истакнато дека 30 отсто од БДП на државата се собрани од даноци. Од Министерството за финансии најавуваат дека проектот за поврат на ДДВ ќе значи намалување на даночната евазија.

Според министерот Тевдовски, новото зголемување на минималната плата нема да значи отпуштање на работници и затворање на фирмите кои сега се на граница на рентабилност. Потврда за тоа, според него, е намалувањето на невработеноста, што сега е под 20 проценти.

Од УЈП најавија дека од понеделник ќе почне дистрибуцијата на електронските даночни пријави до граѓаните, а на дебата беше спомената и подготовката на измените на законот во делот на данок на имот.

На дебатата присустувуваа студенти, бизнис-заедницата, економисти и професори кои исто така имаа многу прашања до министерот. Најголем дел од прашањата се однесуваа на повратот на ДДВ-то и пријавувањето на данокот. Дебатата на почетокот ја поздрави и ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев, кој истакна дека ова е исклучително важна тема за развојот на нашето општество и оти Универзитетот во Штип е секогаш отворена институција во која без цензура може да се говори на сите теми.