Словачките пратеници усвоија денеска резолуција со која го отфрлаат меѓународниот договор за правата на жените.
Парламентот гласаше со 101 глас „за“, 28 „против“ и тројца воздржани за одлуката со која од Владата се бара да го прекине процесот на ратификација на договорот, познат како Истанбулска конвенција“, и да го извести Советот на Европа дека Словачка ќе остане надвор од неа.
Таквиот потег го поздрави словачката бискупска конференција на Римокатоличката црква.
Резолуцијата ја подготви ултранационалистичката Словачка народна партија, која е членка на владејачката коалиција. Нејзините пратеници тврдат дека се против насилство врз жените и се подготвени да разговараат за нови закони во врска со тоа прашање.
Противниците на Конвенцијата во Словачка тврдат дека одделни нејзини одредби биле спротивни на некои словачки традиции, па дури и го кршат словачкиот Устав.
Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилство врз жените и во семејството ја усвои Советот на Европа во април 2011 година во обид да се спречи насилството врз жените ширум Европа, а отворена е за потпишување во мај 2011 година во Истанбул, поради што го добила и името.