Младиот дефанзивец на Ајакс и репрезентацијата на Холандија, Матајс де Лихт е меѓу најжешките трансфер цели за сите европски гиганти ова лето.
За неговиот потпис се води вистинска трансфер војна меѓу Барселона, ПСЖ, Реал Мадрид, Јувентус, Манчестер Јунајтед и генерално секој поголем клуб на Стариот континент.
Бидејќи негов агент е Италијанецот Мино Раиола, на Апенините веруваат дека „старата дама“ е со мала предност пред останатите конкуренти. Затоа од весникот „Тутоспорт“ го побара дефанзивецот за коментар за неговата иднина, а тој не ја исклучи можноста да заигра во Торино … како и каде и да било друго место.
– Јас во Јуве? Би можело да се случи, но има и многу други тимови, кои се заинтересирани за мене. Ќе видиме што ќе се случи во вистинскиот момент. Сега мислам само за Ајакс и сезоната, уште не знам што каква ќе биде мојата иднина. Мино Раиола ја има задачата за тоа, изјави Де Лихт.
Тој сепак ја пофали одбраната на „бјанконерите“ и како целина италијанскиот стил на одбрана.
– Многу ми се допаѓа Киелини, многу е силен и е еден од најдобрите дефанзивци. Исто го почитувам и Бонучи, нивната двојка е една од најсилните во Европа. За млад играч како мене, тие се одличен пример. Многу ми се допаѓа како целина како се бранат во Италија. Гледав видеа и со Франко Барези и Паоло Малдини, тие се вистински столбови во одбраната и многу може да се научи од нив, рече уште Де Лихт.