Европската унија помогнала за спасување на речиси 730.000 бегалци од Средоземното Море од 2015 година досега. Тоа е податок на Европската комисија цитиран од германската медиумска група Функе.
Весниците цитираат писмо на еврокомесарот за миграција и внатрешни работи Димитрис Аврамопулос до ЕП во кое се посочува дека спасувањето човечки животи продолжува да биде главен приоритет за државите членки на ЕУ.
Аврамопулос вели дека невладините организации одиграле клучна улога во спасувачките операции во Медитеранот и нивната работа не треба да биде криминализирана. Тој додава дека сите учесници во спасувачките операции треба да почитуваат меѓународни правила.