Големата преселба од истанбулскиот аеродром Ататурк на новиот мега аеродром во Истанбул ќе почне ноќеска, изјави турскиот министер за транспорт и инфраструктура Џахит Турхан.

Тој информира дека првата операција од големата преселба ќе трае 45 часа. Сите летови на двата аеродроми ќе бидат стопирани во рок од 12 часа.

– Последното полетување од Ататурк ќе се случи на 6 април во два часот по локално време. Летовите до  аеродромот Истанбул постепено ќе се зголемуваат по 14 часот на 6 април, соопшти Турхан.

Министерот истакна дека најмалку 300 авиони секојдневно полетуваат од аеродромот Ататурк, а минатата година тој опслужил 465.000 летови.

По завршувањето на сите фази, аеродромот Ататурк ќе стане глобален центар за авијација, информира Турхан.

Аеродромот Истанбул беше официјално отворен на 29-ти октомври, на 95-годишнината од основањето на Република Турција.