Европската унија ги евакуира членовите на својата мисија за помош во Триполи поради зајакнување на нападите во тој град под офанзива на силите на командантот Калифа Хафтар.
Членовите на Мисијата за помош на ЕУ во Либија (ЕУБАМ) привремено го напуштија Триполи и се вратија во Тунис, каде се наоѓа седиштето на таа мисија.
– ЕУ е загрижена поради многу вознемирувачките настани во Либија, изјави портпаролка на шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини.
Таа повторно упати повик до инволвираните страни во конфликтот веднаш да воспостават прекин на огнот и да го олеснат пристапот за хуманитарна помош.
Унијата од понеделникот бара од Хафтар, кој го држи под контрола источниот дел на Либија, да ја прекине офанзивата врз Триполи и да се врати на преговарачка маса со цел да се избегне граѓанска војна.
Могерини директно разговарала со Хафтар и со Фајез ел Сараџ, претседател на меѓународно признатата влада, со седиште во Триполи.
Предлог заедничката декларација им е поднесена вчера на земјите членки на ЕУ. Повеќето од нив изразиле резервираност околу првичниот текст, а изменетата верзија на текстот ќе им биде денеска поднесена за одобрување.