Демонстрантите во Судан ги прекинаа преговорите со Воениот совет бидејќи не е исполнето нивното барање армијата да им ја предаде власта на цивилите.
Еден од демонстрантите истакна дека се разочарани „бидејќи војската е само продолжение на режимот кој украде 30 години од нас“.
Суданската војска го собори претседателот Омар ал Башир по четиримесечни улични протести поради неговото 30-годишно владеење, проследено со конфликти, граѓанска војна и корупција.
Протестите во главниот град Картум продолжуваат со барање војската да им ја предаде власта на цивилите. Воениот совет соопшти дека е подготвен да исполни некои од барањата на демонстрантите, вклучувајќи ја и борбата против корупцијата, но не и да им ја предаде власта на лидерите на протестите.
Тие истакнаа дека по две години транзициски период ќе организираат избори и подготвени се заедно со активистите кои се против Башир и опозициските групи да формираат привремена цивилна влада.