Пријателските односи меѓу Македонија и Албанија продолжуваат да се зацврстуваат со реализација на проекти од заеднички интерес, соопштуваат од владината прес-служба, додавајќи дека ќе се реконструира заедничкото основно и средно училиште во Пустец, каде наставата се изведува на македонски и на албански јазик.
Одлуката за реконструкција на училиштето е најновиот резултат од пријателските односи меѓу двете држави. Одлуката е дел од заклучоците на заедничката седница на владите на двете земји во Поградец минатата година.
Оваа одлука, како што се наведува, е резултат на претходната активност на премиерот Зоран Заев и министерот задолжен за дијаспората Едмонд Адеми во рамки на иницијативата на Владата на Албанија за реконструкција на 33 основни и средни училишта во Албанија. Во оваа иницијатива вклучено е и заедничкото основно и средно училиште во Пустец, каде наставата се изведува на македонски и на албански јазик.
– Реновирањето на училиштето во Пустец веќе подолг период беше барање на македонската заедница која живее во Пустец, а нејзиното реализирање уште еднаш ги потврдува одличните односи помеѓу двете држави, и потврдува дека Албанците во С. Македонија и Македонците во Албанија се мост за градење блиски односи, се вели во соопштението од Владата.
Инаку, познато е веќе дека пред неколку години, актуелната власт која сега најавуваобновување на училиштето во Пустец, како опозиција, водеше жестока кампања против тогашниот „режим“ поради тоа што помагаше во решавањето на проблемите на Македонците во Албанија. Тогаш Македонците во Албанија „беа злоупотребувани од власта“, а сега е подвиг за актуелнава власт, пред вторуиот круг на претседателските избори во Република Македонија, да им ветува подобри услови на учениците во Пустец.
Како што е познато, и градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко, беше злоупотребуван од тие што сега од Македонија ќе помагаат во општината на која тој е притворен градоначалник.