Во периодот 2011 – 2015 година повеќе од 100 албански државјани биле дел од терористичката организација Исламска држава во конфликтните области во Сирија и во Ирак.

Потврдена е смртта на најмалку 25 од нив, но неофицијално, медиумите наведуваат дека таа бројка е над 30.

Во воените зони во двете земји се уште се наоѓаат 52 албански државјани, жени, деца и постари лица, но бројот на мажи не се знае.

– Во Ирак и во Сирија имаме најмалку 52 албански државјани, од нив 30 жени, 16 деца и шест повозрасни лица. Кога станува збор за бројот на мажи имаме друг извештај, кој очекуваме да го потврдиме со соодветните служби таму, изјави директор на Центарот за координација против насилниот екстремизам Агрон Сојати.

Тој додаде дека во споменатиот период кон ИД се приклучиле околу 40.000 странци, од кои 1.000 лица од регионот на Балканот.