Од верски аспект е неизмерно големо значењето на посетата на папата на нашата татковина. Ова е можност светот да ја види Македонија во нова светлина, вели во интервју за МИА, бискупот скопски и епарх струмичко-скопски, Киро Стојанов, во пресрет на утрешната апостолска посета на папата Франциск на земјава.

Првпат во својата историја, нашата држава на 7 мај ќе биде домаќин на посетата на поглаварот на Римокатоличката црква Франциск. Тоа е настан од историско значење и признание за државава. Која е пораката што светиот отец ја испраќа со неговото доаѓање?

– Да, секако дека тоа е историски настан за нашата млада татковина. Не знаеме која порака ќе ја искаже, но можеме да зборуваме за самиот факт на доаѓање. Папата ужива голем морален авторитет во светот. Факт е дека посетува една, релативно нова држава и релативно мала, тоа е големо признание. Очите на целиот свет тој ден ќе бидат „вперени“ кон нас. Посетата е можност светот да ја види Македонија во нова светлина. Пораката на посетата на папата е секогаш порака на мирот. Во своите говори секогаш истакнува општи човечки вредности, мир, праведност, соживот, напредок. Во својот понтификат папата Фрањо посебно е чувствителен на малите и периферните и сака да покаже дека е важен секој човек, а не само богатите и моќните. Секоја држава не е важна според бројот на жители во однос на другите, туку според квалитетот на живеење. Папата сака да биде внимателен кон тие што се трудат да ја унапредуваат културата на живеење. Ние ќе бидеме внимателни слушатели на неговите зборови и пораки, а самата посета е, како што велите, знак на признавање.

Како се одвиваат подготовките околу посетата на светиот отец и високата делегација од Ватикан на нашата држава?

– Имам впечаток дека е сѐ во ред. Разбирливо, не се тоа мали должности, да се организира една таква посета. И во тоа се гледа зрелоста на нашата татковина дека со сите свои институции синхронизирано, трудољубиво и одговорно подготвува една таква важна посета и да биде сѐ во ред и навреме. Ние, црквата како домаќин сме подготвени. Духовно сме отворени и се радуваме.

Какво е значењето на посетата на римокатоличкиот поглавар на нашата земја од верски и од политички аспект?

– Гледајќи од верски аспект, неизмерно големо е значењето на посетата на папата. Зошто? Ние католиците сме мала заедница во Македонија. Живееме во време кога многу вредности меѓу кои и верските се во криза. Улогата на поглаварот на црквата е токму во тоа, да охрабри, да поддржи, да ги зацврсти во верата верниците на својата црква. Од друга страна, веќе споменав, понтификатот на папа Фрањо како посебно чувствителен за малите, периферните, за „малиот човек“. Да не заборавиме еден значаен факт дека нашата сограѓанка св. Мајка Тереза е една од најзначајните личности во историјата во грижата за напуштените и малите. Што значи, верски гледано, оваа посета за нас е најмногу што може да ни даде еден поглавар на црквата – поддршка и знак на заедништво во верата и љубовта. Тоа е ненадминлив духовен настан. Што се однесува до гледиштата од политичка гледна точка, мислам дека оваа посета е силен поттик за напорите на државната заедница да продолжи со демократизацијата на општеството, унапредување на вредностите, праведен и еднаков живот во заедницата на народи, како што истите права и обврски ги имаат помоќните и поголеми држави. Реков, секоја држава на свој начин е важен фактор за напредокот на целиот регион. На посебен начин мислам на мир, стабилност, добри односи внатре во општествата, како и со соседите. Тоа е значењето на посетата на таков голем авторитет како што го има папата.

Освен со државниот врв понтифот треба да има средба и со поглаварите на верските заедници во земјава. Што се очекува од таа средба?

– За жал, папата ќе биде кратко меѓу нас. Оттука не можеше да биде организирана посебна поединечна средба. Оваа средба со поглаварите на црквите и верските заедници ќе биде кратка, но значајна. Средбата ќе биде во Спомен куќата на св. Мајка Тереза. Тоа ќе биде кратка, но значајна порака на сите луѓе, дека црквите и верските заедници можат и треба да соработуваат кога се работи за општо добро на општеството, а и за секој поединец, дека црквите и верските заедници се позитивен, значаен фактор во општеството, а на посебен начин во грижата за човекот, мирот и напредокот. Го очекуваме тој знак на соработка!

Централен настан во рамки на посетата ќе биде литургијата на плоштадот „Македонија“ на која се очекуваат 15.000 луѓе. Дали сите билети за литургијата се поделени и дали освен од земјава ќе има верници и од другите земји?

– Со радост можам да кажам дека таканаречените влезници се речиси поделени. Литургијата ќе можат да ја проследат 15.000 луѓе. Имаме и најавени групи од соседните земји. Тоа е знак дека посетата, за нас верниците, ги надминува границите на нашата земја. Разбирливо, на литургијата не се гледа строго на припадност само на Католичката црква. Сигурно дека ќе има православни верници и верници од Исламската заедница, но добредојден е и секој добронамерен човек.

Дали е најавено присуство на верски лидери од другите земји на литургијата, што ќе се одржи на плоштадот „Македонија“?

– Имаме католички бискупи од сите земји на поранешна Југославија, потоа од Грција, Албанија, Словачка, Германија, Швајцарија, Италија, САД и уште од некои земји. Тоа ќе биде знак на католичкото заедништво на литургијата со Светиот отец, поглаварот на Католичката црква. Навистина нѐ радува тој богат знак на заедништво и поддршка. Конечно, оваа посета за верниците има силна можност за обнова на сопствената вера и радост да можеме со уште поголема сигурност и сила да ја продолжиме својата улога во општеството во кое живееме со желба да бидеме уште подобри луѓе, и да придонесеме во обновата, чувањето на вистинските вредности и напредок на сите народи кои живеат во Македонија.