Аферата „половина грам кокаин“ каде главен лик е Павле Богоевски е многу сериозна, а власта си игра играчки, ова денеска преку прес-конференција го истакна Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Полицијата и обвинителството мора да започнат сериозни истраги: со кои се трговци и криминални структури Павле Богоевски бил во контакт и со кои пак тие биле вмрежени? Потоа, во кои се и во какви се класифицирани документи Павле Богоевски имал увид и сознанија како пратеник кој што поседува безбедносен сертификат? Што се’ можело и може да заврши во раце на криминалните мрежи? Полицијата и Оливер Спасовски како министер мора да престанат со небулози и со бркање на таксисти додека можеби се тргува со класифицирани документи или сознанија од нив! Ова не смее да се сведе на политичка игра и да заврши како низа други афери со кои се поврзува МВР! Јавното обвинителство на невидливиот Љубомир Јовески мора да излезе од политикантството и да започне сериозна истрага! Ако молчи за прислушувањето во ОЈО, за оваа сериозна афера мора да се реагира, додава Стоилковски.
Тој потенцира дека Павле Богоевски го загуби кредибилитетот, и мора да престане да се крие зад такси возачи или било кои други кои ќе му се најдат на патот надвор од Собранието! Одлуките кои се носат во Собранието мора да бидат доносени со чиста свест и целосна одговорност. Богоевски не е ништо повеќе од било кој друг граѓанин кој што бил фатен дека тргува на црниот пазар.
-Богоевски го наруши угледот на Собранието и функцијата пратеник, и го повреди Етичкиот кодекс за однесување донесен во процесот наречен Жан Моне, заедно со европратеници. Богоевски, итно, сам, повлечи се од Парламентот! Со тоа што тргуваш на нарко пазарот, ги прекршуваш сите етички, морални човечки норми. Исто така, веднаш повлечи се од комисиите каде си со тоа што поседуваш безбедносен сертификат, а понатаму на свој трошок побарај испитување во МАНУ извршено преку влакно од коса и тоа веднаш! Резултатот од тестирањето сепак не те амнестира од соработка со нарко подземјето, а со тоа и од неподобноста, недостојноста за пратеничката функција, вели Стоилковски.