Министерот, Венко Филипче е целосно неспособен за водење на секторот на здравство. Резултатот на неговата неспособност се човечки жртви, истакна денеска Маја Славева од ВМРО-ДПМНЕ.
-Последната вест е починато предвреме родено бебе на Клиниката за гинекологија и акушерство. Причина се условите, поточно крајно лошите услови на Клиниката, несоодветно стерилизирани инструменти и сали! Министре, како е можно деца да умираат поради несоодветни услови на Клиника? За жал ова за вас е само еден во низата смртни случаи поради лоши услови на клиниките и здравствените установи. Ова е скандал, потенцира Славева.
Таа додава дека министерот не знае да се снајде со епидемијата на морбили и има 4 смртни случаи. Доцни со мерките затоа последиците се такви!
-Затоа Филипче е фокусиран на пари и профит, а негова специјалност стана распродавање на здравството! Од министерувањето резултат се само некакви физибилити студии, сомнителни тендери и човечки жртви! Грижата за здравјето на граѓаните за Филипче не постои! Цената на лошото министерување е преголема. Токму затоа министерот Филипче мора да ја напушти функцијата и тоа веднаш, рече Славева.