Пратеничките групи на двете најголеми опозициски партии во косовското Собрание, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Движењето Самоопределување (ВВ), ја напуштија денешната собраниска седница на која се расправа за формирање „меѓународен трибунал за српските воени злосторства во Косово“ во последната војна, поради скандалот со објавување на сликата со наводното силување на една жена од тројца српски војници, јави МИА од Приштина.
Воедно, поради објавувањето на фотографијата од страна на пратеничката на владејачката Демократска партија на Косово (ПДК), Фљора Бровина, двете партии побараа и оставка од партискиот шеф на Бровина и претседател на Собранието, Кадри Весели.
Заминувањето на опозициските пратеници го образложи шефот на пратеничката група на ВВ, Глаук Коњуфца.
– Со ЛДК се согласивме дека, доколку не биде понесена одговорност за скандалот, нема да присуствуваме на седницата, изјави Коњуфца.
Бровина минатиот четврток од собраниската говорница покажа фотографија од силување, за кое тврдеше дека го извршиле српски војници во Косово во последната војна. Меѓутоа, неколку косовски медиуми објавија дека сликата е всушност сцена од порнографски филм, кој некои ирачки медиуми го користеле за пропаганда против присуството на американски војници во нивната земја.