Најмалку три лица загинаа, а 87 се повредени, при уривање на трикатна зграда во јужна Кина, соопштија локалните власти.

Според нив, четири лица останале затрупани под урнатините.

Несреќата се случила во градот Баисе во провинцијата Гуангси.

Спасувачите користат и кучиња трагачи и електронски монитори во потрагата по преживеани.

Во Кина во последно време имаше уривање на поголем број згради и други индустриски несреќи, што, како што се тврди, е последица на занемарување на безбедносните мерки.

Во четвртокот во Шангај се урна зграда која се реновира, а во март 78 луѓе загинаа во експлозија во хемиска фабрика во источниот дел од земјата.

Лани во ноември најмалку 22 лица загинаа во експлозија пред хемиската фабрика во североисточниот град Жангџиаку, кој, покрај Пекинг, ќе биде домаќин на Зимските олимписки игри во 2022 година.