Најмалку 12 лица загинаа денеска при експлозија на автомобил бомба крај безбедносен пункт во сомалискиот главен град Могадишу.
Полицискиот претставник Ахмед Башане за ДПА изјави дека експлозивот во автомобилот го активирал бомбаш самоубиец.
– Тоа беше силна експлозија кај безбедносниот пункт во населбата Бундере. Засега има 12 загинати, меѓу кои и шестмина припадници на безбедносните сили и една жена, висок армиски претставник, нагласи Башане.
Тој додаде дека останатите петмина загинати се цивили, како и дека при нападот се повредени двајца членови на сомалискиот Парламент.
Од експлозијата се нанесени штети на неколку околни згради.
– Во тоа време во реонот имаше сообраќаен метеж, истакна Башане. Додавајќи дека е можно билансот на загинати да се зголеми.
Одговорност за нападот презеде исламистичката група Ал Шабаб, која е огранок на терористичката мрежа Ал Каеда во Сомалија и која се бори за воспоставување на шеријатското право во земјата.