Лесно пролетно јадење, мешавина од свеж зеленчук и зачини…

Потребно е:
1 пакување фетучини (вид тестенини)
1 чешне лук
4 меснати црвени пиперки
500 г шампињони
околу 200 г брокули (или околу 500 г млад спанаќ)
200 мл бело вино
малку од водата во која ги варевте тестенините
маслиново масло
мелен сув зачин, оригано, босилек, сол, црн пипер
пармезан

Подготовка:
– Фетучините сварете ги според упатството на пакувањето.

– Додека се варат тестенините во тава на рингла ставете малку маслиново масло и ставете го сечканото лукче. Пржете го многу кратко додека малку не замириса.

– Потоа додадете ја пиперката исечкана на стапчиња и динстајте ја додека да омекне. Пиперките извадете ги од тавата и оставете ги настрана.

– На истото масло во тавата ставете ги печурките, сечкани на листови. Динстајте ги 5-10 минути, а потоа извадете ги од тавата и ставете ги во садот кај пиперките.

– Потоа во тавата ставете ги брокулите исечени на поголеми парчиња (или, пак, младиот спанаќ) и динстајте само неколку минути. И брокулите извадете ги од тавата и додадете ги во садот кај пиперките.

– Во тавата сипете малку од водата во која се вареа тестенините, 1 лажица путер, бело вино и мелен сув зачин, по вкус. Варете 2-3 минути додека да испари алкохолот.

– Сега во тавата префрлете ги варените тестенини, целиот зеленчук и печурките и убаво измешајте за фетучините да го впијат целиот сос. На крај зачинете по вкус.

– Сервирајте ги посипани со доста пармезан и уживајте.