Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој воедно е и портпарол на ДУИ, денеска изјави дека прашањето за објавените прислушувани телефонски разговори во кои се слушаат гласови на високи членови на партијата, треба да го разгледуваат институциите кои треба да ја гарантираат приватната комуникација.
Османи рече дека во ДУИ ова прашање не било разговарано и дека нема да коментираат приватни разговори.
– Во ДУИ ова прашање воопшто не е разгледано, ниту во никаква форма анализирано, бидејќи сметаме дека не е прашање што треба партијата да го разгледа, ниту не засега. Тоа е прашање на институциите којшто треба да ја гарантираат приватната комуникација и тоа институциите треба да го сторат. Апсолутно немаме никаква вознемиреност во тој дел ниту нешто посебно правиме, бидејќи тоа не е надлежност ниту на ДУИ, ниту на другите политички партии. Тоа е прашање на институциите. ДУИ била предмет на специјални војни од кога постои, но од сите предизвици излегла секогаш посилна, рече Османи, одговарајќи на новинарско прашања, по настанот на кој го означи почетокот на кампањата „Заедно кон ѕвездите“.
Во однос на најавените министерски смени од страна на премиерот Зоран Заев, тој рече дека има комуникација меѓу Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети, како што кажа, за зајакнување на капацитетите на Владата во делот на економијата.
– Метлата не е принцип којшто ДУИ го користи, но да претседателот на ДУИ Али Ахмети и претседателчот Заев разговараат за зајакнување на капацитеите на Владата во пресрет на отворањето на новото поглавје во фокус на Владата, а тоа е економијата, рече Османи.
Исто така имало разговори за да се надминат недозразбирањата што произлегоа по назначувањето на Еролд Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање од страна на претседателот Стево Пендаровски.
– Има комуникација да најдеме решение за ова прашање, рече Османи.