Членството на РС Македонија во НАТО не може да биде извор на опасност за никого, nапротив, тоа ќе придонесе за поголема безбедност на регионот, вели бугарскиот претседател Румен Радев во интервју за руската новинска агенција ТАСС.
Тој ја смета за погрешна парадигмата според која безбедноста на една земја се осигурува за сметка на безбедноста на друга држава.
– Оваа формула води до нестабилност и недоверба и создава ризици. Членството на земјите од Западен Балкан во НАТО кое Бугарија го поддржува го намалува потенцијалот за конфликти во нашиот сложен регион, потенцира Радев.
Бугарскиот претседател вели дека е неопходно да се намалат тензиите меѓу НАТО и Русија, и да се воспостави целосен дијалог во врска со безбедносните прашања. Зацврстувањето на довербата, според Радев, ќе помогне да се надминат меѓусебните стравови кои постојат во овој момент.