Светот минува низ длабока криза и може да е на прагот на војна, изјави францускиот претседател Емануел Макрон, повикувајќи на глобални напори за справување со опасностите од нееднаквоста, неконтролирани технологија и климатските промени.
Во говорот по повод одбележување на 100-годишнината на Меѓународната организација на трудот во Женева, Макрон повика за сеопшта социјална заштита и надомест за луѓето чија благосостојба е загрозена од технолошките и еколошките промени.
„Мислам дека хаосот е тука. И мислам дека одговорноста на нашата генерација е да не чекаме нова војна, и да гледаме на светот таков, каков што е”, коментира Макрон.
„Верувам дека денес сме на работ и ако не се погрижиме, сме во време на војна. И оваа војна е присутна во нашите демократии – тоа е длабоката криза низ која минуваме. Можеме да избереме да бидеме лудаци. Но ако сакаме вистински напредок, ние треба да направиме сериозни обврски “, објасни францускиот претседател.
Зголемената нееднаквост го храни „авторитаризмот”, додаде тој.
Гласачите „велат дека демократијата не нè заштитува од нееднаквоста предизвикана од полудениот капитализам, па зошто да не ги затвораме нашите граници, да градиме ѕидови и да излеземе од мултилатерализмот”, додаде тој во јасната критика упатена на сметка на американскиот претседател Доналд Трамп.
Говорот на Макрон траеше 44 минути, многу подолго од говорите на другите лидери кои се обратија на настанот, меѓу кои и рускиот премиер Дмитриј Медведев и германската канцеларка Ангела Меркел.
Центристот Макрон се претстави како лидер на либералното движење, наспроти подемот на екстремната десница во Европа.
Во Франција, неговото претседателствување беше помрачено со неколкумесечните протести на „жолтите елеци“, кои протестираа против економските реформи, вклучувајќи го и данокот на гориво.