Со гала оперски концерт на Националната опера и балет под диригентство на Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ, синоќа беше отворено 40. издание на фестивалот „Скопско лето“, кој традиционално почнува на првиот ден од летото 21 јуни, Светски ден на музиката, соопштија од Град Скопје.
На свеченото отворање на овој фестивал присуствуваше и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој се обрати пред присутните.
– Овој фестивал, кој повеќето од нас го сметаме за обележје на градот, веќе 40 години ги задоволува вкусовите на сите оние кои останале во топлото Скопје. Организаторите на фестивалот и годинава во текот на 40 најтопли денови ќе се потрудат со богата програма што ќе содржи концерти, претстави, ликовни изложби, мултимедијални проекти, филмска програма, традиционалното кафе кино, како и програма и за најмладите, да ја задоволат естетските вкусови на сите генерации, истакна Шилегов.
Тој додаде дека фестивалот преку избор на различни и необични локации, како што се Матка, Марков манастир, Водно, Старата скопска чаршија, Калето, Кејот на Вардар, Градски парк, плоштадите низ градот, старите маала, како и на веќе познатите простори за уметничка интерпретација ја вади уметноста надвор од стандардните простори и ја прави подостапна за сите граѓани и трагачи по културниот туризам.
– И годинава централното градско подрачје и други локации низ градот и во околината во вечерните часови ќе се претвораат во летни сцени на културата, а јас се надевам дека програмата што ја нудиме ќе ве привлече да дојдете и да уживате во палетата културни збиднувања, додаде Шилегов на отворањето на фестивалот.