Манастирскиот комплекс „Свети Атанасиј“ од тетовски Лешок издаде нов православен молитвеник на 176 страници.

Содржината со православни молитви е поделена во категориите: Утрински молитви, Вечерни, Молитви во текот на денот и за разни потреби, Кратки молитви, Mолитви пред и по секоја причест, Акатист кон Пресвета Богородица и Катихизис.

-Заради сета возвишена полезност на молитвата, Епархискиот црковно-просветен совет на Тетовско-гостиварската епархија реши да го издаде овој „Православен молитвеник“ што треба покрај Светото Писмо да е присутен во секој христијански дом. Да се моли значи да се комуницира со Бога со искрени желби и надеж дека овој молитвеник ќе ви помогне во делото на молитвата, вели во поговорот митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф.

Главен уредник на изданието е владиката Јосиф, технички уредник протопрезвитер Александар Стојановски, а лектурата е на ѓакон Ѕвонко Трпевски. Молитвеникот може да се најде во црквите и манастирите на Тетовско-гостиварската епархија.