-Што сте запнале со тој датум? Па имате толку многу проблеми. Во Струга градоначалникот се однесува скандалозно, УНЕСКО ќе ви го одземе статусот на Охридско Езеро, имате толку многу корупција, се менуваат директори на школи на дилетантски начин, блесаво е да барате датум за преговори овој период, имате толку многу проблеми, ќе треба уште да работите за да бидете спремни за датум, чудна ми е таа ваша опседнатост со датумот! Ние не треба да ве оставиме изолирани без пат кон ЕУ но не треба ниту да ви прогледуваме низ прсти, изјави францускиот амбасадор Тимоние, после неколкуте инсистирања на модераторот Васко Попетрески, инаку „независен“ новинар, дека датумот во октомври треба да е сигурен.

Изјавата на Тимоние се случи денеска, на работниот семинар за администрацијата на кој учествуваше и министерот Дамјан Манчевски во Холидеј Ин.

На ова модераторот Васко Попетрески, новинар во ТВ Алсат, му постави прашање на амбасадорот: “Добро ако ние не сме спремни, како тогаш Србија преговара, а владее режим на Вучиќ, како Црна Гора преговара кога немало политичка промена на власта 30 години?!“

На ваквото прашање амбасадорот Тимоние одговори кратко и отсечно:

“Па еднаш се изглупиравме, по втор пат нема да се изглупираме. Тезите дека еве ќе почнеме преговори па после додека преговараме ќе се реформираме, веќе не држат. Нема да се случи тоа, треба да разберете, имате многу проблеми и не треба да се правиме слепи пред нив“.

По својот говор, Тимоние на сред конференција стана и ја напушти салата во Холидеј Ин.