Основното јавно обвинителство Кичево соопшти дека поднело обвинителен предлог против лицето кое е познато во јавноста како „Ел Чека“ за сторено продолжено кривично дело – неовластено прислушкување и тонско снимање.
– Обвинетиот при крајот на месец мај оваа година, од профил на една социјална мрежа, претставувајќи се како „El Cheka” објавил повеќе тонски снимени прислушкувани телефонски разговори на повеќе лица. Со тоа обвинетиот им овозможил на корисниците на социјалната мрежа и на други неповикани лица да се запознаат со содржината на тонски снимените разговори, стои во соопштението од Обвинителството.
Во последно време, како што е наведено во соопштението, зачестена е појавата на објавување неовластено прислушкувани и снимени разговори.
-Јавното обвинителство на РС Македонија укажува дека секое објавување на неовластено прислушкувани разговори е кривично дело согласно член 151 став 2 од Кривичниот законик, во кој е пропишана казна затвор од 1 до 5 години за секој што „ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушкувана или тонски снимана“. Овие појави Јавното обвинителство ги следи внимателно и ќе постапи согласно своите надлежности, се наведува во соопштението.
За потсетување, исто вакви прислушкувани разговори, познати како бомбите на Заев, на пресконференции објавуваше СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев додека беа во опозиција.