Во овие денови кога дури и Гоце Делчев самите го прогласивме за Бугарин, вреди да се потсетиме на едно наше истражување од 2009 година, со иницијална помош на еден господин од САД, за одлуката на ВМРО во 1905 година да се создаде „македонска граматика“ врз основа на говорот во Битола и битолскиот крај. Зошто таква идеја и одлука, ако Македонци немало и ако ВМРО е бугарска организација, а неговите челници – Бугари? Одговорот не треба да ви го кажуваме, нели? Истовремено посветете внимание на паниката која ги зафатила Грците од самата идеја за такво нешто.

Автори: Дарко Јаневски; Мирка Велиновска

Грчкиот весник „Емпрос“ на 8 јули 1905 година донел алармантна вест. Претходниот ден, нивниот репортер од Виена го испратил текстот отпечатен во весникот „Неа Имерисиа“ (весник во Австрија што го издавале Грци), врз основа на телеграфирана вест од Белград, по што „Емпрос“ пишува:

Како пример за словенските итроштини, ја пренесуваме од виенската Неа Имерисиа следната вест телеграфирана од колешката од Белград, бидејќи Бугарите обично ги испраќаат до европскиот печат сите тие работи што не им одговара да се гледа дека доаѓаат директно од Софија.

Од пред неколку месеци, беше формирана во Битола, од страна на Македонската организација, комисија чија задача е создавање македонска граматика.

Комисијата се состои од седум професори по лингвистика (каде постојат овие професори и на кој универзитет предаваат лингвистика? Во Софија? Таму има само виша школа, а не факултет и нема ниеден професор по лингвистика. Во Белград? Но и таму не постои катедра по лингвистика…).

Како основа на граматиката ќе се земе дијалектот (се разбира словенскиот) што се зборува во битолскиот вилает и ќе се прогласи и од страна на Комисијата како македонски јазик! (Јазиците според Словените се прогласуваат!)

Учителите на словенските училишта во Македонија ќе имаат наредба да предаваат на овој јазик, наместо на српскиот или бугарскиот за да се постават преку тоа основите на автономна Македонија.

Наскоро на овој јазик ќе се издадат читанки и други книги. Штом ќе се постигне ова, Организацијата планира да ја забрани употребата на српскиот и бугарскиот јазик во Македонија.

Се чудиме како еден таков сериозен весник како што е Неа Имерисиа од Виена прифаќа да објавува такви глупости.“

 

Вовед во независност

Од самиот текст на „Емпрос“ во 1905 година, се гледа каков шок била таа вест за Грците. Тоа е само девет месеци откако Грците започнаа позасилено да ги испраќаат своите андартски чети во Македонија со цел да ја „ослободат“, и само 7-8 месеци откако го добија првиот херој во таа борба – Павлос Мелас, официјално убиен од Турците по предавство од Македонците, а неофицијално убиен од еден од неговите соборци за да му го земе ќесето со злато (Димитрис Литоскоу – Грчката антимакедонска борба). Печатењето македонска граматика и протерувањето на другите јазици од македонските училишта, како вовед во создавање автономна Македонија, повеќе од сигурно би значело крај на „ослободителните“ грчките аспирации и многу веројатно, ќе ја изменело и денешната карта на Балканскиот Полуостров. Тоа, пред еден век и четири години, многу добро се сфаќало.

Истовремено, на 8 јули 1905 година, алармантна вест ја објавил и атински „Скрип“. Според веста на „Скрип“, се создава „нова македонска граматика која ќе се употребува во бугарските училишта во Македонија“.(зошто нова ако веке биле Бугари? н.з.) Известувачот на весникот вели:

„Оваа вест веќе ви ја имав телеграфирано. Денес ги додавам овие детали: Пред неколку месеци во Битола беше формирана една комисија од страна на Македонската Организација која има задача да создаде македонска граматика. Комисијата се состои од седум професори по лингвистика. Како основа на оваа граматика ќе се земе дијалектот кој се зборува во битолскиот вилает. Овој дијалект веќе е прогласен од страна на Комисијата како македонски јазик. Учителите во словенските училишта во Македонија имаат наредба да го учат овој јазик наместо српскиот или бугарскиот и преку него да се постават основите за создавање независна Македонија. Наскоро на овој јазик ќе се испечатат училишни и други книги, а Организацијата потоа размислува да ја забрани употребата на српскиот и бугарскиот јазик“.

Грците и грчкиот јазик не се споменуваат во двете вести, но ако од македонските училишта си заминел бугарскиот јазик, протерувањето на грчкиот останувало како мала шега. Какво е значењето на еден таков чекор, доловиле и самите известувачи – тоа е вовед кон автономна и независна Македонија и тоа на севкупната нејзина територија.

Една од клучните причини поради која подоцна големите сили ја аминувале поделбата на Македонија е стравот од нејзино евентуално приклучување кон Бугарија. Во тоа време, најголемиот дел од македонските цркви биле под надлежност на бугарската егзархија, а училиштата и јазикот, исто така, го имале епитетот бугарски. Се сметало дека со можното приклучување на Македонија кон Бугарија, би се нарушила рамнотежата на Балканот меѓу Србија, Грција и Бугарија, на што големите сили не се согласувале. Русија не сакала поради таквата можност да го изгуби сојузништвото со Србија, која ја сметала за брана од Австро-Унгарија, а Австријците пак, стравувале дека на тој начин би се зајакнало руското влијание на Балканскиот Полуостров. Излез од оваа ситуација се гледало во останување на Македонија под Турција, до нејзината поделба меѓу трите соседи.

Во таква положба, појавата на активна идеја за создавање македонска граматика и протерување на српскиот и бугарскиот јазик од училиштата (нужна последица би била создавање брана и за грчкиот јазик), неминовно водело кон уверување на големите сили дека Македонија може да биде независна за што лесно ќе добиела поддршка (што е потврдено од британскиот крал и рускиот цар во Ревал – Талин – во 1908 година). Евентуален противник би била Франција, но подоцна и кај нејзе се јавуваат поинакви размислувања (во 1916 година, токму францускиот разузнавач Рене Пикард и препорача на својата влада став за создавање автономна Македонија).

Во такви услови, сосема е јасно зошто веста за македонски јазик и македонска граматика изгледала безмалку апокалиптично во Атина, Белград и Софија и зошто, ако тоа се остварело, денес картата на Балканскиот Полуостров би изгледала многу поинаку.
Оттука, таквата информација и не можела да биде пренесе поинаку во Грција освен со многу гнев. Но, што навистина станало со печатењето граматика во Македонија и дали за такво нешто, освен медиумски написи, постои и некаква одлука на ВМРО?

Потрага по одлуката

За жал, пишан документ за такво нешто досега не е откриен. Д-р Михајло Миновски, д-р Ванчо Ѓоргиев, академик Блаже Ристовски, д-р Зоран Тодоровски и д-р Ване Стојчев, кои ги консултиравме во последните неколку седмици во врска со ова прашање се едногласни: идејата за македонска посебност постоела и пред посочената 1905 година, но за некаков документ во врска со граматиката и јазикот во македонските училишта, веројатно, ќе треба да почекаме попријатни времиња помеѓу државите на Балканот и поголема отвореност на нивните архиви. Д-р Михајло Миновски вели дека постои голем дел од архивата на ВМРО, посебно таа која му била предадена на Иван Гарванов, а која се уште е недостапна. Не дека тој очекува да види документ потпишан од Гарванов за македонски јазик, но го наведува како пример дека мислењето оти тој период од нашата историја е горе-долу истражен, е заблуда. За затвореноста на грчките архиви, и да не зборуваме.

Сепак, постојат низа причини кои упатуваат на тоа дека е можно формална одлука на ВМРО за македонска граматика и македонски јазик во училиштата во 1905 година и да не била донесена, иако во Неа Имерисиа се зборува за одлука на „Македонската Организација“. Еден од клучните авторитети на ВМРО во тоа време, Даме Груев, пролетта 1905 година се наоѓал во Бугарија, а најмногу што си дозволил е да дојде до скопскиот регион. Во април 1905 година била донесена и наредба од битолскиот судија – истражител за апсење и судење на Даме Груев и Ѓорги Сугарев заради револуционерна активност, а отоманската држава побарала од Софија тие да и бидат испорачани. На 28 април, односно 11 мај 1905 година, со нотата број 284 бугарското Министерство за надворешни работи одговорило негативно на таквото барање, со образложение дека „нивната врска со наведените дејства по судски пат не е утврдена, ниту е утврден барем еден конкретен факт кој би налагал екстрадирање“. Но, тоа што е битно за овие редови е дека оваа турско-бугарска преписка ја покажува положбата во која тогаш се наоѓале клучните луѓе на Организацијата. Во Македонија им се заканувало апсење, а единствена шанса за спас им била Бугарија. Во такво услови, очигледно е дека по однос на прашањето за македонска граматика тие би се однесувале внимателно во смисла на оставање официјален писмен траг кој би им ја загрозил заштитата од Бугарија.

Истовремено, самата Организација се наоѓала речиси пред распаѓање, што фактички и се случило по неколку месеци на Рилскиот конгрес. Заради тоа, донесена е одлука револуционерните окрузи во Македонија да имаат што поголема автономија. Можно ли е тогаш една таква одлука за македонска граматика и за протерување на српскиот и бугарскиот јазик од македонските училишта да била донесена од Битолскиот револуционерен округ, а потоа во извештаите во весниците тоа да било оквалификувано како одлука на целата Организација?

Англичанецот Хенри Брејлсфорд, еден од водечките коментатори на „Дејли њуз“ и член на хуманитарниот Македонски помошен комитет, во својата книга „Македонија, нејзините народи и нејзината иднина“, издадена 1906 г. напишал:

„Комитетот или некои негови делови, дури размислува (1905) за политика на наметнување на македонскиот словенски дијалект, наместо литературниот бугарски, како јазик во сите егзархистички училишта во Македонија. Се зборува дека за таа цел се печатени граматики. Ова, ми се чини, ја докажува искреноста на локалниот автономистички патриотизам“.

Пиштол в уста на Чуповски

Брејлсфорд, кој пет месеци престојувал во Македонија и секако имал можност изворно да се запознае со многу работи, зборува за Комитетот или некои негови делови и за локален автономистички патриотизам. Тоа не води кон Битола, чиј Комитет, според белградска Политика од 26 март 1905 година, го сочинувале Димитар Ризов, Наум Ристов, Петар Лигуши, Анастас Лозанчев, Алтипармак и д-р Владев. Белградскиот весник односно неговиот известувач од Битола, кој го криел идентитетот заради страв од ликвидација, тврди дека овој состав дури испратил и меморандум до големите сили во однос на положбата на Македонија, нешто што исто така недостига како документ во нашата историја. Но, Ризов, Лозанчев, како и Груев, во тоа време се надвор од овој регион, што ја исклучува нивната улога во сето ова.

Останува тогаш да се разгледа можноста дека одлука за печатење македонска граматика била донесена во друг состав, можеби од останатите членови на округот, но и по повеќе од еден месец истражување (што за историската наука е малку, но за еден весник премногу долго време) поконкретни податоци за тоа не најдовме.

Сепак, постои друга линија што упатува на тоа дека пролетта 1905 година во Битола и Битолско навистина се подготвувало такво нешто. Тогаш, таму пристигнува Димитрија Чуповски со иста идеја и цел. Академик Блаже Ристовски тоа го опишал на следниот начин:

„Во 1905 година, кога во Одеса се печати списанието Вардар на Мисирков, Д. Чуповски доаѓа во Македонија и во текот на неколку месеци држи тајни состаноци и има многу средби со истакнати македонски дејци во врска со организирањето на просветата на македонски јазик… Европскиот печат почна да пишува дека во Македонија се подготвуваат македонски учебници, македонска граматика и сл., што предизвика аларм среде заинтересираните кругови во соседните метрополи“, запишал Ристовски.

Но, продолжува тој, „некои бугарофилски формации на ТМОРО, во велешко… му се заканија на Чуповски со смрт и тој мораше да се врати во Русија“. Станува збор за војводата Стефан Димитров кој му ставил пиштол в уста на Чуповски, по што тој немал избор освен да си замине.

Дали тука пропаднала целата идеја? Не, и во тоа не уверија Англичанецот д-р Карло Билд и д-р Ванче Стојчев, кој во 1993 година открил и публикувал еден друг текст од странски весник.

Граматика и кај Сандански

На 5 јули 1905 година, д-р Карло Блинд, противник на македонската идеја, во лондонскиот весник Пал Мал Газете објавил текст кој од битолско не води во спротивниот крај на Македонија под контрола на Јане Сандански. Блинд расправајќи се со идејата на Сандански за независна Македонија вели дека таа не е оправдана, па оттука било залудно „Македонскиот комитет да се обидува да создаде јазик единствен за сите“. Тоа што нас не интересира, следи во следните редови на Блинд:

„Учените од Комитетот на Сандански создаваат граматика на македонски јазик како јазик на целата област. Дијалектот на битолскиот вилает се земал за основа на тој нов македонски есперанто. Новиот македонски јазик требало да го истисне српскиот и бугарскиот јазик од Македонија, бидејќи македонскиот јазик бил различен од тој што се зборувал во Бугарија и Србија“.

Ова веќе внесува поинаква димензија на целиот случај. Потребата еден Англичанец да ја напаѓа оваа идеја укажува на тоа дека станувало збор за многу посериозен проект, кој очигледно излегувал од битолските рамки и ја покривал цела Македонија.

Како и да е, улогата на Сандански во серскиот регион, на Чуповски во битолскиот, пишувањата на Неа Имерисиа, на Хенри Брајлсфорд, на Карло Блинд, се премногу факти на едно место за да може да се каже дека станува збор за работа преку која може лесно да се помине. Тоа што досега не се откриени документи во врска со ова, не значи и дека ги нема. Сосема друга е работата што е очигледно дека целата идеја не била реализирана, но се чини, допрва ќе треба да се утврдува како и зошто.

Во секој случај, станува збор за една непријатна работа за нашите соседи, пред се за Грците и Бугарите, кои македонската посебност сакаат да ја врзуваат за Коминтерната. Ова дава и поразбирлива слика зошто целиот проект е обвиткан со еден вид мистерија. Документите за македонското прашање, сепак, повеќе ги има во туѓите архиви отколку во нашите.

Утре: Македонските историчари за одлуката за граматика