Веднаш откако грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас објави дека со неговиот македонски колега Никола Димитров постигнале согласност околу името, и дека конечниот договор е во рацете на премиерите на Грција и Македонија, Грците најавија големи протести, пишува српски „Информер“.
Во повеќе грчки градови на 6 јуни ќе бидат организирани масовни демонстрации против новото име во кое би бил содржан зборот „Македонија“. Движењето, како што пишува српскиот весник, ќе биде поддржано од Движењето за зачувување на северната грчка покраина Македонија.
На прашањето дали грчкиот народ може да сруши секаков договор меѓу Грција и Македонија, Александар Гаиќ од Институтот за европски студии за „Спутник“ вели дека за такво нешто има многу мали шанси.
– Протестите сигурно ќе бидат масовни, но сметам дека не може да влијаат врз грчката влада да го промени ставот. За такво нешто би требало да дојде до длабока политичка криза внатре во владејачката коалиција на Сириза. Треба да се има на ум дека Сириза од доаѓањето на власт ги изневери сите предизборни ветувања, од еконоски, преку политичките односи со ЕУ, до низа закони кои ги донесе, а кои се косат со уверувањата како на граѓаните, така и на грчката црква. Значи, тие и досега не обрнуваа внимание на јавното мислење и протестите кои се случуваа по тие поводи, па не очекувам и сега да биде поинаку, оценува Гаиќ.
Тој смета дека грчките власти ќе се обидат да ги протуркаат решенијата за кои ќе се одлучи, и покрај тоа што може да наидат на многу поголем и порадикален отпор од граѓаните.
– Во Грција може да се очекуваат сериозни политички протести, но сметам дека владата, како поради своето капитуланство, така и поради зависноста од западните земји и стравот повторно да не го расипат договорот, овој пат нема да смеат да отстапат, вели Гаиќ.
Како што вели тој, грчката опозиција нема капацитет да предизвика некоја политичка криза и да го спречи договорот помеѓу Атина и Скопје, кој не би бил во согласност со желбите на Грците.
Но, како што додава Гаиќ, иако се говори за тоа дека начелен договор е постигнат, се уште не е познато што содржи истиот и кое е новото име за кое се договориле шефовите на дипломатиите на двете земји.
– Откако Зоран Заев формира влада во Скопје, беше за очекување да биде постигнат договор со грчката страна, со оглед на тоа дека западните структури вложија голем напор да се најде заедничко решение и да се дојде до прифатливо име за бившата југословенска република. Веројатно ќе се најде такво решение, со кое во називот ќе се избегнува експлицитното име „Македонија“ или ќе се користи придавката „македонски“, за да не се иритираат Грците, а протестите да се смират, предвидува Гаиќ.