Виолета АЧКОСКА

Уште од осамостојувањето на Република Македонија малкумина историчари од Институтот за историја при Филозофскиот факултет, од Институтот за национална историја и Сојузот на здруженијата на историчари ја започнавме битката за НАСТАВНИОТ ПРЕДМЕТ ИСТОРИЈА како важен дел од градењето на македонскиот идентитет, кој требаше да се оддели од југословенскиот, заедно со осамостоената држава.

Се направија промени на наставните програми, југословенското јадро се замени со балканска историја, а се даде поголем нагласок на националната историја. Но, набрзо, се отвори првата битка против наметнување на предмет „граѓанско општество“ (како дел од безалтернативниот пат ЕУ-НАТО) на сметка на часовите од историја. И следеа наставни програми во кои се намалуваа часови по предметот историја, а ние дежуравме пре канцелариите на Министерството за образование со аргументи против таквата политика.

Од програма во програма се измислуваа „модерни“ наставни предмети за сметка на историјата, наводно во име на иднината. Која иднина? Па народ без корен не може да даде ни лисја, ни плодови! На крајот во нестручните небулози на „добрососедските“ договори се брише најголемиот дел од историјата на македонскиот народ, речиси до 1944 година, како дел од политиките за бришење на македонскиот идентитет.

За жал, повеќето од нас кои со протести, јавни настапи, трибини, петиции се боревме против таквите понижувачки договори со кои се деградира македонската историја и историографија, доживеавме многу етикетирања и навреди и најчесто останувавме осамени.

Денешните наставни програми се последица од целиот тој процес и имаат за цел новите генерации да си го заборават потеклото, коренот и кај нив да се всади нов, северномакедонски идентитет. Тоа значи историја од 2018 година.

Тргнувајќи од надворешно-политичките стратегии на соседите чии територијални аспирации се преклопуваат врз Република Македонија и од долгорочните политики на меѓународните фактори за конечно решение на „македонското прашање“, во последниве децении се одзема историскиот легитимитет на македонскиот народ и неговото право на државотворност.

Во држави кои сакаат да опстојат горди на своето минато, како: Словенија, Хрватска, Германија, Бугарија, Србија, Грција, Италија, Обединетото кралство, Финска, Норвешка, Шведска, Данска, Словачка, Чешка, Романија, Полска, Естонија, Латвија и Литванија, Албанија, Русија итн., историјата како наставен предмет има големо значење и учениците ја изучуваат задолжително и континуирано. Не попуство Советот на Европа, во своите препораки кажува дека ИСТОРИЈАТА им дава на учениците вредности кои не можат да ги добијат во ниту еден друг наставен предмет.