Проф. д-р Виолета АЧКОСКА
Еве нешто околу ЗАЕДНИЧКАТА ИСТОРИЈА, но овој пат нека говорат Германци. Професорот Бруно Питиони, висок државен службеник на Германија во Бугарија за време на Втората светска војна, во еден од своите извештаи од Софија до германската влада, меѓу другото, напишал:
„…Јас немам сретнато народ како бугарскиот, кој направил толку многу престапи, кај кого има еден толку голем регистер на фалсификати. Бугарија е држава која поседува работи кои ги има присвојувано од туѓи народи и држави… Јас ќе се навратам и на големиот фалсификат кој го прави Бугарија со употреба на поимот „ослободени предели/области“, притоа мислам во прв ред на Македонија. …Мнозинството Македонци не се поистоветуваат со Бугарите. За Македонците, во најмала рака, или поточно, може да се каже, дека ги сметаат Бугарите за нешто подобро, споредени со Србите. Но факт е дека мнозинскиот број Македонци, не ја гледаат својата среќа со приклучување кон Бугарија, туку во своја самостојна држава, за која копнеат со векови…“
Во извештајот на германската команда за Југоисток со седиште во Белград од 28 септември 1943 се објаснува отпорот и одбивниот став на Македонците кон Бугарите кои се однесувале арогантно и ги потценувале, не можејќи да ги бугаризираат. „Токму затоа реакцијата на Македонците кон Бугарите е истоветна како спрема Србите до 1941. Македонците до 1941 година се стремеле да се ослободат од Србите а сега пак се борат да се ослободат од Бугарите… Мнозинството од населението пружа отпор кон Бугарите и тој станува се помасовен. Бугарија треба да е веќе свесна дека таа е неприфатлива за македонското население и дека ќе мора да ја прифати реалноста, бидејќи се увери дека Македонците одбиваат да бидат Бугари“.
(Archiv des Auswärtingen Amts, Mikrofilm 4530).