Министерот за образование и наука Арбр Адеми денеска изјави дека се разгледуваат сите опции за невакцинираните деца кои треба да го започнат основното образовение, со цел да се запазат законите, како и јавното здравје.
Наведе дека е остварена средба со министрите за здравство и за правда, Венко Филипче и Рената Дескоска, како и дека повторно за прашањето ќе се разговара на седница на Влада.
– Една од опциите кои се разгледуваат е да се запишат учениците, во меѓувреме да се вакцинираат, или во септември, почеток на септември, да има теренска вакцинација за сите ученици кои не се вакцинирани, посочи Адеми.
Истакна дека дополнително ќе бидат спроведени консултации со експерти со цел да се најде најдоброто решение, поради тековната епидемија на морбили.
Адеми рече дека се изготвени нови наставни програми по предметот „музичко образование“ за шесто, седмо, осмо и деветто одделение, кои се веќе усвоени и започнува нивната примена.
Нагласи дека програмите придонесуваат кон унапредување на концептот на мултикултурализам, запознавање и почитување на различностите.
– Секој ученик ќе ја изучува културата и традицијата во областа на музиката на својата заедница, но ќе има можност да ја изучува и музичката култура и традиција на сограѓаните од другите етнички заедници, преку слушање и обработка на песни и композиции, како и запознавање со инструментите и другите обележја на тие заедници, посочи Адеми.
Рече дека новите наставни програми ја унапредуваат содржината што учениците треба да ја изучуваат по предметот кој им ја развива љубовта кон музиката и кон музичкото творештво.
– Програмите нудат лесно разбирлив јазик, односно материја која едноставно ќе биде совладана од страна на учениците, согласно нивната возраст, а со цел да добијат информации за основите на музичката уметност, за музичките инструменти, да ги доживеат во целост музичките дела и да се едуцираат и информираат за обележјата на етничките заедници кои живеаат на територијата на нашата земја, а се поврзани со нивната музичка култура и традиција, истакна министерот за образование и наука.