Вмешувањето на политиката во судството во нашата држава е присутна појава и тоа е веќе нотирано како проблем кој ја нарушува неговата независност. Факт е дека не се почитува уставното начело на поделба на власта. Постојат ситуации на обиди за директно мешање на политиката и на другите власти, поради реализација на агенди кои не се во корелација на владеењето на правото и на надлежностите на судската власт. Но, ние како Врховен суд и како највисок суд во државата не дозволуваме и не смееме да дозволиме преку таквите обиди да се наруши независноста на судството и со тоа да падне неговиот углед, односно угледот и авторитетот на Врховниот суд, вели претседателката на Врховниот суд Беса Адеми.
Во интервју за СДК.мк Адеми, посочува дека не смеат да дозволат политичките интереси да се кршат на грбот на судството и дека затоа е битен личниот интегритет и судската култура што ја градел низ годините секој судија, но важна е солидарноста меѓу судиите, бидејќи тоа испраќа порака и до оние што вршат притисоци, но и до јавноста дека судството ќе опстои на своите темелни вредности.
Во однос на неодамнешната посета на Врховниот суд на американската амбасадорка Ангела Агелер, Адеми вели дека американската амбасадорка и САД се пријатели на судството и нејзиното доаѓањето беше во таа насока.
– Помеѓу сите прашања што се разговараа беа вклучително и теми од јавен интерес. Амбасадорката имаше средба со мене, со заменик-претседателот и со сите судии на Врховниот суд да укаже и да даде поддршка дека врховните судии мора доследно да го применуваат Уставот и законот и дека не смееме да отстапиме од тие вредности. Овие вредности и принципи мора да се почитуваат и при утврдувањето на начелните ставови и правни мислења од страна на Општата седница, вклучително и за Иницијативата која предизвика интерес во јавноста, вели Адеми во интервјуот за СДК.мк.
Прашана, како изгледаат тие притисоци, Адеми посочува дека политиката секогаш има потенцијал да користи влијанија на различни начини.
– Реално, секогаш е присутна заканата дека може да се разрешуваат судиите на Врховниот суд и во овој правец да се користат дури и лажни вести. И затоа Судскиот совет треба да биде заштитник на судството, посочува Адеми.
Во однос на донесениот став на Врховниот суд за амнестијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов во случајот „Траекторија“ и повлечената иницијатива од адвокатот Миле Наумовски, Адеми посочува дека како долгогодишен судија и како претседател, нејзиниот личен став е дека во „оваа ситуација и со ваква поставеност на повлечената иницијатива, ние не би имале услови да расправа Општата седница“.
-Јас сум сигурна дека судиите на Врховниот суд во која било ситуација и за вакви сензитивни прашања ќе ги имаат предвид Уставот, законот и меѓународно-ратификуваните договори. Всушност, гарантирам дека овој состав на судии не им е вазал на ниту една од политичките партии, туку му служи на законот и на етичките начела, посочува Адеми.
Претседателката на Врховниот суд, Адеми, исто така, укажува дека кога се носеле измените на Кривичниот законик, за жал, Врховниот суд бил прескокнат, иако Министерството за правда согласно Законот за судови има законска обрска за закони кои се однесуваат на статусни прашања за судството, да се обрати до Општата седница на Врховниот суд која треба да расправа и даде мислење и забелешки за нив.
Фото: МИА архива