Вчерашниот инцидент во Собранието доби помирно продолжение денеска, во кое повторно се истите актери, но на друг начин и со постудени глави. Претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми (ДУИ), еден од учесниците во инцидентот се извини за настаните вчера, а Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ побара веднаш да се поднесе оставка.
Во изјава за весникот Слободен печат Адеми изрази жалење за инцидентот, но вели дека настаните биле испровоцирани од опозицијата.
– Тоа не требаше да се случи. Реформската агенда на ова парламентарно мнозинство и на Владата треба да продолжи и не треба да потпаѓаме на вакви провокации од опозицијата кои се мотивирани од странски агенти за дестабилизација на земјата и за дефокусирање на јавноста од евроинтеграциските процеси. Станува збор за закон кој овозможува владеење на правото и затоа опозицијата сакаше да го оневозможи неговото донесување. Такви сцени не треба да се повторат ни од опозицијата, ни од било кој друг. Жалам за ваквите сцени, вели Адеми.
Тој вели дека опозиционерите се обиделе да го спречат гласањето за дневниот ред и дека имало насилство врз него.
– Сите пратеници имаат партиска агенда, но таа не смее да биде на штета на институциите и граѓаните. Додека го држев микрофонот на сила ми го зедоа и физички ме повредија. Овие сцени се за жалење, вели Адеми.
Тој за целиот инцидент го обвинува пратеникот Антонио Милошоски.
-Тој (Милошоски) е под влијанија на странски служби и ја загрозува проевропската иднина на Македонија. Познато е дека е против албанското образвование и дека е бугарофил, вели Адеми за Слободен печат.
Пратеничката Дафина Стојаноска денеска оцени дека Адеми не правел ништо добро за пратеничката група на на ДУИ, иако е нејзин координатор, и дека по вчерашниот инцидент треба веднаш да си поднесе оставка.
Таа зборувајќи за Утрински брифинг на Слободна ТВ, уште рече дека нема зошто да се преговара околу францускиот предлог.
– Кои се Ковачевски и Османи да преговараат во наше име, рече Стојаноска.