Бела Хадид проговори за контроверзната реклама на „Адидас“ со мотиви од Олимпијадата во Минхен, 1972 година. Манекенката во изјавата рече дека е „шокирана“ од „недостигот на чувствителност“ во врска со кампањата, но призна делумна вина.
Германскиот бренд ја повлече рекламата со којашто ги враќа во мода патиките за трчање, инспирирани од стилот на Олимписките игри во Минхен, и што на почетокот на овој месец беше критикувана од Израел и од еврејските заедници. Во средиштето на контровезиите беше новото заштитно лице на брендот – Хадид, која има палестинско потекло, и контекстот на Олимпијадата пред 52 години, кога во напад на палестинска милитантна група беа убиени 11 израелски спортисти и тренери и еден германски полицаец.
„Не знаев за историската поврзаност со ужасните настани од 1972 година. Шокирана сум, вознемирена и разочарана од недостатокот на чувствителност во оваа кампања. Да знаев, искрено од срце велам, никогаш немаше да учествувам во неа“, напиша Хадид на „Инстаграм“.
Таа ја посочи компанијата како делумно виновна, но не се иззема ни себеси.
„Мојот тим требаше да знае, ‘Адидас’ требаше да знае, а и јас требаше да направам повеќе истражувања за да знам, разберам и да проговорам гласно. Како што секогаш сум зборувала и секогаш ќе зборувам за она што верувам дека е погрешно… Не верувам во омраза во кој било облик, па ниту антисемитизам, и целосно стојам на таа изјава“, истакна топ-моделот.
Во изјавата, таа вели дека Палестина не е синоним за тероризам и оти секогаш ќе стои покрај својот народ во Палестина, залагајќи се за свет без антисемитизам.
„Адидас“ се извини, и тоа двапати, вклучително и на Хадид, меѓу другото, и поради веројатноста дека таа ги разгледува своите правни можности.
Фото: „X“