Здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ, кое обединува 90 јавни комунални претпријатија на територија на целата држава, денеска повторно упати апел за средба до Владата од која бара помош поради зголемените трошоци со поскапувањето на струјата. Доколку нема помош, најавуваат  промени на цените на услугите.

АДКОМ во соопштение денеска информираше дека од Владата не добиле никаков одговор за средбата што ја побараа пред еден месец за состојбите со растечките трошоци на претпријатијата и потребата од владина помош.

– Потсетуваме дека на 18 јули АДКОМ јавно побара средба со претставници на Владата, на кои ќе се разгледа можноста за субвенции и поддршка на претпријатијата, кои имаат неколкукратен раст на трошоците предизвикан, пред се, поради енормниот раст на трошоците за електрична енергија. Со продолжување на оваа состојба во која се наоѓаат јавните комунални претпријатија се доведува во прашање квалитетот на услугите кои ги овозможуваат за граѓаните, како и нормалното опстојување на самите претпријатија кои обезбедуваат работа за повеќе илјади семејства, се вели во соопштението.

Владата, која учествува во формирањето на цената на струјата и која одобри зголемување на електричната енергија, нагласуваат од АДКОМ, потребно е да покаже разбирање за овој реален проблем.

-Доколку не се изнајде одржливо решение и Владата не помогне, претпријатијата кои ги обединува АДКОМ, ќе мора да пристапат кон изготвување на ревизија на цените по кои моментално ги испорачуваат услугите. Уште еднаш апелираме на средба со Владата на која ќе се дискутира за конкретна поддршка на јавниот сектор, се наведува во соопштението од АДКОМ.