Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден дава поддршка за потенцијалната продажба на борбени авиони Ф-16 на Турција. Помошникот секретар за одбрана за меѓународна безбедност во Пентагон, Селест Валандер, на денешната прес-конференција изјави дека силните одбранбени капацитети на Турција ќе ја зајакнат одбраната на НАТО.
„САД ја поддржуваат турската модернизација на борбената флота, бидејќи тоа е придонес за безбедноста на НАТО, а со тоа и за безбедноста на Америка“, изјави таа.
Според неа, тие планови се во развој и треба да се разработат преку нивните процеси на договори.
Во октомври минатата година Турција испрати барање до САД за купување на 40 американски борбени авиони Ф-16 од компанијата „Локид Мартин“ и речиси 80 комплети за модернизација на воздухопловните сили.
Претходно, официјален Вашингтон не изрази отворено никакво мислење за продажбата, освен што најави дека целата продажба на оружје ќе мора да помине низ потребниот правен процес.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска треба да се сретне со американскиот претседател Џозеф Бајден.