Стојанче ГЕРОВСКИ

(авторот е адвокат)

Не само што е неуставен, но Законот за попис ги загрозува елементарните човекови права – правото на здравствена заштита, а имајки ја предвид сериозноста на пандемијата, директно го загрозува и правото на живот.

Граѓаните како граѓани, но и како фамилии, оневозможени беа да ги примат своите најблиски на семејни прослави, родендени, крштевки и сл. со закани од глоби, но сега им се овозможува на непознати лица да влегуваат во загарантираниот простор – домот, облечени во обувки, па и во заштитни одела со кои претходно посетиле стотици домови, воопшто не знаејќи кого посетиле и во каква здравствена состојба биле претходно посетените.

Имено, Владата со своја Одлука веќе прогласи кризна состојба заради ризици и опстојување на опасности кои можат да ги загрозат здравјето и животот на граѓаните, која Одлука за кризна состојба се уште е во сила.

Во такви околности, Одлуката за спроведување на попис на населението е целосно спротивна на правата на човекот и граѓанинот во делот на заштита на нивното здравје, а со тоа и во заштита на нивниот живот.

Изнесеното е спротивно на уставните гаранции во делот на основните слободи и права на човекот и граѓанинот изразени во уставните гаранции за правото на здравствена заштита, при што на граѓанинот му е дадено неприкосновеното право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, кое во конкретниот случај секако се мисли на здравјето на членовите на неговото семејство со кое живее во иста заедница, односно во исто домаќинството.

Изнесеното е во спротивност и со одредбите од Законот за заштита на населението од заразни болести, а кои децидно ја предвидуваат заштитата од заразни болести и обврската секој да се заштити себеси и другите од заразување, кое повторно се мисли на сопственото, но и на здравјето на членовите на неговото семејство со кое живее во иста заедница, односно во исто домаќинството.

Истовремено, ваквата Одлука е спротивна и на општо прифатените стандарди во делот на оваа материја.

Имено, Законот за попис предвидува, меѓу другото, и дејствија на давање податоци за трет, кој не е присутен при пописот. Изнесеното е спротивно на уставните гаранции во делот на основните слободи и права на човекот и граѓанинот изразени во уставните гаранции за сигурноста и тајноста на личните податоци.

Изнесеното е во спротивност и со одредбите од Законот за заштита на лични податоци, а кои децидно ја предвидуваат согласноста на субјектот за давање и обработка на неговите лични податоци, посебно кога станува збор за матичниот број на граѓанинот.

Тоа експлицитно подразбира дека никој нема никаво право да изнесува лични податоци за „трет“, односно за лице кое не е присутно при земањето на личните податоци.

Сумирано, со сето тоа, не само што директно се загрозува здравјето на граѓаните, а со тоа и животот на граѓаните на основа сериозноста на пандемијата, туку се прокламира јавно истапување пред граѓаните, во кое воопшто и не се споменуваат овие аспекти, значајни за здравјето на граѓаните, посебно со обраќањата кон севкупната јавност дека пописот е должност на граѓаните, а за непочитувачите на истиот ќе биле превземени соодветни казнени мерки.

Во такви услови, кога со посебен закон, како што е и Законот за заштита и спасување, децидно е предвидена Самозаштита како форма на активност на граѓаните за спречување на настанувањето или за ублажување на последиците од природните непогоди и други несреќи кои можат да влијаат на нивното здравје и живот, па во такви услови воопшто не можат да бидат применливи казнени одредби од Закон за попис за оние граѓани кои ќе се самозаштитат себеси и членовите на своите семејства и нема да дозволат непознати попишувачи, за кои и самите не знаат претходно каде се биле и со кого се не контактирале, да влезат во нивниот дом, како неповредлив простор на секој граѓанин.

Тоа недвосмислено подразбира прекинување на сите дејствија на попис на населението во овие моменти, а во спротивно одговорноста ќе падне токму на иницијаторите на овие активности, кои одат директно на штета на здравјето и животот, сето тоа во услови на кризна состојба произлезена од пандемија со глобални размери, за кои не е на повидок ниту вакцинација на населението како елементарен дел во заштитата на здравјето и животот.

Истовремено, изнесувањето на податоци за трет, без негова дозвола за тоа, само го продлабочува сомнежот за нерегуларности на ваквиот попис, како уште еден момент за целосно прекинување на овие активности.

Со тоа, дали некој од активните чинители размислува за последиците од ваквите активности, а кои последици ги предизвикуваат и одговорностите за нарушување на здравјето на граѓаните ИЛИ за губење на човечки животи, ќе покажат Одлуките и активностите на чинителите во делот на продолжување ИЛИ во делот на прекинување на неуставниот, незаконитиот и проблематичниот попис.