Еленко Миланов, еден од адвокатите на поранешниот премиер Никола Груевски, во дебатна емисија на ТВ Телма изјави дека Груевски од Унгарија контактирал со него и му соопштил на кој телефонски број може да го бара.
Миланов додаде дека тоа го пријавил во судот и рече дека нема што да крие, како и тоа дека за ова знае и МВР.
Тој исто така кажа оти е убеден дека и македонската полиција го знае новиот број на Груевски.
Миланов наведе дека Груевски контактирал по телефон во доцните вечерни часови на 13 ноември годинава, истиот ден кога поранешниот македонски премиер преку Фејсбук објави дека се наоѓа во Будимпешта каде што побарал политички азил.
Адвокатот рече дека по ова продолжила нивната комуникација со СМС пораки во врска со правните прашања.