Адвокатот на пратеникот Јохан Тарчуловски, Антонио Апостолски, на денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје, за настаните во Собранието на 27 април лани, побара изземање на судијката Добрила Кацарска, бидејќи се сомнева дека таа е во роднински врски со некој од оштетените во предметот.
Судијката побара да го образложи ваквото барање, а тој рече дека во текот на денот ќе достават докази до Судот. Апостолски, исто така, рече дека Кацарска тенденциозно го води предметот.
Судијката даде пауза од еден час за претседателот на Судот да одлучи за барањето.
Апостолски изземањето го побара откако Кацарска ги предупреди адвокатите дека нема да им дозволи да влегуваат и излегуваат и излегуваат од судницата кога сакаат.
По паузата, треба да сведочи пратеникот Ферид Мухиќ.
Претходно на судењето на обвинетите за настаните во Собранието на РМ на 27 април минатата година сведочеше само еден од предвидените четири сведоци, вработен во Собранието задолжен за електронскиот систем, вклучување на микрофоните и на системот за гласање.
Сведокот Сашко Коцевски рече дека собраниската седница тој ден имала нормален тек се додека тогашниот претседател Трајко Вељаноски не му дал збор на пратеникот Зекирија кој ја интонирал химната на Албанија што ги вознемирило пратениците од опозицијата и дел од мнозинството.
Потоа Крсто Мукоски побарал збор и ја интонирал химната на Македонија, а процедурално збор побарале пратениците Томислав и Илија Димовски, но не добиле, по што Вељаноски ја прекинал седницата. Сведокот ги слушнал пратениците на ВМРО-ДПМНЕ како разговараат дека не треба да се дозволи гласање доколку СДСМ сака да избере претседател на Собранието. Полицаец од обезбедување му рекол да го исклучи системот за гласање и да ја напушти седницата, а тоа, како што наведе Коцевски, не е практика на Собранието.
Тој отишол во техника и го прекинал снимањето, но камерите останале вклучени поради праксата се додека има пратеници во пленарната сала, тие да се вклучени. Случувањата во салата ги следел од мониторите, но без тон. Коцевски рече дека бил член на ВМРО-ДПМНЕ од 1992 година, а за време на случувањата на 27 април добивал пораки на вибер што се случува надвор, а тој, пак, ги известил дека внатре е хаос и дека Талат Џафери е избран за претседател. Полицаец им кажал да се заклучат во собата за режија бидејќи во Собранието влегле многу луѓе од надвор.
Слушнале трескање на вратата им викале „отворете комуњари” раководителката се уплашила, по што и дале дијазепам и се сокриле позади плакар… По некое време се јавил секретарот на Собранието Жарко Денковски кој прашал дали работи техниката за снимање и не прашал ниту дали се живи и дали им треба нешто.
На прашање на обвинителката Вилма Русковска за неговото учество во протестите тој рече дека „ние како партија работиме како војска и добивавме насоки од месните комитети за поддршка на протестите против тиранската платформа”.
Обвинетите во случајот за настаните од 27 април се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок. Тие пред судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.
На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.