Првоосомничениот во предметот „Рекет“ на ОЈО, Бојан Јовановски – Боки 13, денеска по еден час разговор во Обвинителството не даде исказ.
Неговиот адвокат Сашо Дуковски смета дека Јовановски сакал да даде исказ но, според него, се случил преседан, бидејќи во ист момент му е доставено решението за завршена истрага и со тоа е направена повредата на правото на одбрана.
– Денеска за првпат од започнувањето, односно од донесувањето на наредбата за спроведување истрага од Обвинителството за организиран криминал и притворањето на осомничениот Бојан Јовановски и после сите преземени дејствија од страна на Обвинителството, тој денес првпат е викнат да даде исказ во Јавното обвинителство. И тоа би било во ред, но не е во ред во истиот момент кога вие немате поим за каков доказ се обвинувате, кои се основите на сомневање, кои се доказите против вас, да ви се дава известие за завршена истрага. Во ист момент, еве, тоа е ова известие за завршена истрага кое носи датум 23 септември 2019 година. Ова досега во историјата на македонското правосудство не се случило, истакна Дуковски по излегувањето од ОЈО.
Адвокатот вели дека тие не се бранеле со молчење и дека ќе дадат исказ доколку стигнат, откако ќе направат увид во доказите.
– Нормално, при такви околности, значи ние не се браневме со молчење, ниту некогаш ќе се браниме со молчење во оваа постапка. Ќе дадеме исказ. Но, видете ја сега нашата позиција и повредата на правото на одбрана. Во овие 15 дена ние сега треба да ги гледаме, бидејќи истрагата според Обвинителството е завршена со известие, ние треба да ги гледаме доказите па ќе се договориме да дадеме исказ. Тоа е еден правен нонсенс и којшто, еве, затоа велам дека е прецендент и сметам дека не треба да се спроведува во Република Македонија. Така што, денеска не дадовме изјава од разбирливи причини, а тие се едни и единствени затоа што немаме увид во доказите. Од среда од 12 часот па во наредните денови ќе вршиме увид во предметот и ќе дадеме свој исказ, појасни Дуковски.
Тој ја истакна и лошата здравствена состојба на Јовановски која ја имал со желудникот и тенкото црево и дека за тоа се „префрла топката“ од судија на претходна постапка кон ЈО и истражен затвор „Скопје“. Дуковски информираше дека се работи за оперативен зафат, за кој и тој лично го осудува, од наводно е од естетска природа, односно намалување на неговиот желудник.
– После тоа има две неуспешни операции на подврзување на тенкото црево во тој желудник. Нон-стоп повраќа, нека се смеат владетелите на правото кога велат дека можеби е труден, па затоа повраќа. Значи, нон-стоп повраќа, нон-стоп паѓа и покрај одобрение на судија од претходна постапка го носат во амбуланта и му даваат еден обичен емулзионен раствор и тоа се завршува. Не го кажувам ова за да се постигне нешто. Реално не му е добра здравствената состојба. Можеби сам придонел за таква здравствена состојба со таква операција, рече Дуковски и додаде дека состојбата му е животозагрозувачка.