Судските предмети „Таргет- Тврдина“ и „Трезор“ апелација ги врати, но од „Тврдината“ на Кале се загрижени.
Реакцијата за одлуките на Aпелациониот суд да не ги прифати првостепените затворски казни а со кои се овозможи застарување на дел од кривичните дела за кои се гонат високо профилирани криминалци наиде на лична реакција од претставничката на САД во земјава.
Американската амбасадорка Агелер, според телевизијата АЛСАТ испорачала писмо до премиерот, надлежните министерства, Врховниот, Апелациониот и Кривичниот суд во Скопје.
Наводно, Агелер, изразува разочарување од последните одлуки на апелација. Затоа правосудството има толку низок рејтинг, а наводно Агелер заклучила дека иако САД вложиле 250 милиони евра во реформи, резултати нема.
Секој ден сум сѐ повеќе загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од високи профили) кои Апелациониот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги процесуираат предметите низ судската постапка и нивното префрлање напред-назад, меѓу Апелација и Основниот суд дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите, се наведува во писмото од амбасадорката Агелер, од кое делови објави АЛСАТ М.
Дописот главно се однесува на случаите за кои е загрижена јавноста и кои се поврзани со судењата против поранешните функционери кои ја злоупотребиле службената должност и го оштетиле државниот буџет, се наведува во писмото кое го објави АЛСАТ.
Од Владата потврдуваат дека ја примиле пораката, но тоа се однесува на судиите кои независно ги носат одлуки.
Врховниот суд добил препорачана пратка на 11-ти овој месец.
Зборовите на Агелер, резултирале со брза реакција на највисокиот суд.
На седницата на судии веднаш е одлучено да се остварат работн средби со пониските судски инстанци.
По предметите од висок јавен интерес ажурно да се постапува и да се одлучува во согласност со законот и прописите, а со цел да се обезбеди ефективно остварување на правдата и воедно да се избегне опасноста од застарување на предметите од висок профил, се наведува во одговорот на Врховниот суд.